Чекаме со години некој пензионер да почине за да влеземе во старски дом и пак не градат нови, а ни ветија

Старите лица заборавени од градоначалниците

Ветувањата кои беа дадени на изборите дека ќе се прават нови старски домови воопшто не се реализираат. Не е почнат ниту еден објект. Само во Скопје има неколку десетици постари луѓе чии молби за сместување во старски дом веќе 5-6 години шекаат решение, вели Драги Аргировски.

Ни даваат пред избори две ветувања: дека ќе ни покачат пензии и дека ќе ни направат старечки домови и толку. Ете видовме пензиите ни ги качија за огромни 45 денари, а старечките домови ќе ги изградат кога ние веќе ќе бидеме починати, вели пензионерката од Центар, Благица.

Во Скопје се градат многу станови, но малку се мисли каде ќе стануваат голем дел од пензионерите, односно старите лица на кои им е неопходна помош, а за нив новите станови не се решение. Не мал број на скопјани во поодминати години живеат сами оти младите заминуваат од Македонија, за нив нема кој да се грижи, а за жал недостигаат специјализирани установи и старски домови за нивно згрижување. Постарите скопјани потсетуваат дека во неколкуте приватни домови, за просечниот пензионер е многу скапо, а во државните домови за стари лица за слободни места се чека со години.

Затоа и старите лица се почесто прашуваат: каде се старечките домови кои им беа ветувани пред локалните избори?

-Политичарите нас пензионерите не сметаат како гласачка машина која треба да им донесе изборна победа. Знаат дека сме мирни па само ќе ни дадат две ветувања: дека ќе ни покачат пензии и дека ќе ни направат старечки домови и толку. Ете видовме пензиите ни ги качија за 45 денари, а старечките домови ќе ги изградат кога ние веќе ќе бидеме починати, ни вели ензионерката од Центар, Благица.

А ветувањата за старечките домови навистина не беа мали. Пред две години, на локалните избори, околу деведесетина илјади скопски пензионери и постари лица беа уверувани од новите општински градоначалници дека ќе им направат нови старски домови и други видови помош. Такви ветувања за нови домови се слушнаа во Карпош, Ѓорче Петров и во Аеродром… но досега не е направен ниту еден дом, ниту пак има најави за такво нешто. Освен ако како најава односно намера за градење старски домови не го сметаме делот од аферата „Рекет“ каде беше предочено дека притворениот Боки 13 имал средби и потпишувал меморандуми за изградба на старски домови и со општински градоначалници од Скопје. Излегува дека додека постарите граѓани чекаат старски домови, некој сакал тоа да го искористат за богатење.

-Ветувањата кои беа дадени за изборите дека ќе се прават нови старски домови воопшто не се реализираат. Не е почнат ниту еден објект. А ветувања имаше во повеќе општини. Тоа што е ветено треба и да се исполни. Без помошта на државата овој се потежок проблем не може да се реши. Само во Скопје има неколку десетици постари луѓе чии молби за сместување во старски дом веќе 5-6 години чекаат во фиоките на Фондот за пензиско осигурување. Се чека некој да почине за да се ослободи кревет и соба, а условите знаеме дека се слаби, ни вели пензионерот Драги Аргировски, кој до неодамна беше претседател на пензионерската организација во земјава.

Места во државни старски и пензионерски домови навистина има малку во градот. Со децении не е направен ниту еден нов капацитет. Во петте домови – во Злокуќани, Чаир, Аеродром, Автокоманда и Ѓорче Петров има само околу 1.020 легла. Градоначалник на Карпош Стефан Богоев, на пример, вети голем дом за нега на стари лица во Злокуќани на 2.500 метри квадратни, нов дом за стари лица вети и Златко Марин од Аеродром, исто како и Александар Наумовски од Ѓорче Петров. За постари сограѓани имаше ветувања и во други општини – Во Кисела Вода им ветија мобилни екипи за помош, во Центар дека ќе добијат и „лични асистенти“, во Бутел дека нема да плаќаат сервисни услуги до 600 денари… Со ова требаше се се ублажат проблемите бидејќи анкетите покажале дека петнаесет проценти од старите во градот (околу 10.000) им треба најдиректна туѓа нега: да им се зготви храна, помош да се избањат, исперат алиштата, смени постелина…

И меѓу приватните домови сметата дека треба да се бараат решенија во интерес на постарата генерација на наши сограѓани.

-Ова прашање е приоритетно бидејќи бројот на постари луѓе само ќе се зголемува. Многу од нив имаат и дијагнози за некоја болест. Значи, им треба добра нега. Мислам дека треба да се размислува државата да го субвенционира нивниот престој во приватните старски домови. Во смисол да доплатува разлика меѓу нивната пензија и цената на престојот во приватните домови. Тие луѓе имаат право на достоинствена старост. Со зголемувањето на капацитетите можно е намалувањето на цените на услугите, ни вели Даниела Дабеска сопственик на домот „Резиденција Дабески“.

Очигледно, нешто под итно треба да се презеде околу грижата за старите луѓе од страна на оние кои го водат градот, но и од оние кои го водат ресорното министерство.

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО