Чекавме инвестиции, но изгледа мигранти ќе си ставаат темели во Македонија

Не подготвуваат ли за нов мигрантски шок? Еден преживеавме пред извесно време кога реки на мигранти протекоа низ Македонија. Сега суптилно ни се најавува нов или…
„Интегрирањето во земјата на азил е најдобра опција за живот, доколку сте странец во Македонија со статус на признаен бегалец можете да почнете со вашата интеграција преку поднесување на барање до Центарот за интеграција. Вашата интеграција вклучува неколку чекори: дом и сместување, образование, здравство и социјала, државјанство…“. Ваквите совети, бездруго, се директна покана за миграните да си останат во нашата земја и да станат нејзини државјани. А кога таквата порака ја дава влијателната американска организација УСАИД тогаш постои голема причина за поставување на прашањето – има ли некакви конкренти планови со нов бран на мигранти чиј пат повторно оди по „балканска рута“ каде една од станиците е и наша земја? Седумдесетина илјади мигранти од азиски и африкански земји се наоѓаат во Грција и тие постојано се обидуваат да заминат кон север. Македонската полиција постојано открива возила во кои илегално се превезуваат мигранти. Дел од мигрантите е веќе стациониран и во наша земја и само лани околу 300 од нив поднеле барање за азил.
– Ние инвестиции очекувавме, а странците мигранти ни најавуваат. Си поигруваат со Македонија, бидејќи видоа дека власта е многу попустлива на обичен притисок или ветување, дециден е Горан Д.
Но она што уште повеќе загрижува се минатогодишните планови на земјите членки на Европската унија кои на јунскиот самит во Софија ја спомена и можноста за отворање на мигрантските кампови во државите од балканскиот регион.
– Никако не треба да размислуваме за такво нешто. Ние сами не можеме да се средиме како држава, а не уште да размислуваме за мигрантите да ги удомиме, ни рече Зоран Милиќ.
Слично на ова Јована Мојсоска смета дека како земја може да бидеме принудени тоа да го направиме иако не можеме да го поднесеме тој наметнат товар.
– Товарот од војните за профит на големите држави секогаш го трпат малите и сиромашни држави како Македонија, најчесто изнудено од уцени и присила во име на евроатлантските аспирации. Заради тоа јас сметам дека ќе бидеме принудени да ги примиме мигрантите иако е тоа тешко подносливо за нас како држава. Така Хрватска беше принудена да не овозможи влез на бегалците во Европа и најчесто истите, често брутално, ги депортираа во Босна, укажува Мојсоска.
Граѓаните, очигледно, јасно порачуваат дека во сегашнава ситуација надлежните не треба да размислуваат за изградбата на кампови и стационирање на голем број на мигранти. Односно, тој проблем треба да се решава на друг начин, а не со сместување на мигрантите во Македонија. Она што на Македонија сега и е најпотребно се странските инвестиции кои се ветени како резултат на нашето откажување од уставното име на државата во спорот со Грција за да станеме членка на НАТО и на ЕУ.

Што ќе се гради кај Бардовци?
Лани останаа дилемите дали кај Бардовци ќе се гради центар за прифаќање на илегални мигранти или, пак, за бездомници. Тензијата во јавноста ја крена одлуката објавена лани во јануари во „Службен весник“ а со која се најавува дека ќе се изготвува урбанистичка документација за прифатен центар за странци. Потоа медиумите објавија дека тоа ќе чини 16 милиони евра од кои 14 ќе обезбедат европските партнери. Но, по реакциите во јавноста министерката Мила Царовска изјави дека таму ќе се градела населба за бездомните лица. Сепак, сомнежите останаа.