Чешка аналитичарка Јузова: Повеќето ЕУ-членки не биле консултирани за францускиот предлог

За францускиот предлог не биле консултирани други земји-членки на Европската унија туку само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина, изјави денеска Јана Јузова од чешкиот Институт Еуропеум за време на денешната дебата на тема „Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: што претстои? Која ја организираше Институтот за европска политика (ЕПИ) во Скопје.

Таа рече дека во Чешка, која сега го презеде претседавањето со ЕУ, има голема вознемираност околу францускиот предлог.

-Во Чешка но и во бројни други земји-членки на Унијата постои голема вознемиреност поради францускиот компромисен предлог за надминување на бугарското вето. Според она што го слушнавме од чешкото МНР тие се многу вознемирени со Франција и Бугарија, а причината е што за предлогот не биле консултирани други земји-членки. Била консултирана само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина, рече Јузова за време на дебатата.

Според неа, Чешка и мнозинството земји-членки „ги гледаат сериозните проблеми” во францускиот предлог и разбираат „зошто е толку тешко за Северна Македонија да го прифати.”

Таа додаде дека е многу загрижена за тоа каква ситуација ЕУ создава со овој пристап.

-Чешкиот пристап ќе биде да се направи колку е можно помала штета, да се ублажат негативните ефекти и да се осигура дека ова нема да биде траен преседан. Дури и да се постигне компромис, тоа нема да биде нешто со што Северна Македонија ќе биде среќна. Ние мора да осигураме дека ова нема да стане преседан кој ќе го користат и други земји-членки кон кандидати, рече Јузова.

Повикувајќи се на информации од чешкото претседателство со ЕУ, Јузова рече дека и доколку Скопје го одбие францускиот предлог, Прага воопшто не размислува да ги раздвои Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.

-Чешкото претседателство смета дека раздвојувањето само ќе му даде легитимитет на бугарското вето. Не се согласуваме со аргументите на некои други земји кои сметаат дека натамошната блокада на Албанија ќе го дестабилизира регионот, напротив сметаме дека ќе го зголеми притисокот врз Бугарија и ќе ја зголеми солидарноста меѓу земјите во регионот. Тоа ќе придонесе да се зголеми притисокот врз Бугарија не само од страна на ЕУ, туку и од Западниот Балкан, рече чешка аналитичарка Јузова од чешкиот Институт Еуропеум.

Претходна вестВо Бутел украдени капаци на шахти, опожарени шахти и цевки
Следна вестВ понеделник ќе се определат тарифите за такси превозот во Скопје