Често повикуваат на обединување, ама не го менуваат сопственото однесување

А може под обединување подразбираат сите да мислиме како нив?

 

Во секоја позначајна пригода се упатуваат убави пораки за помирување и обединување, ама искрени ли се? Работат ли Заев и Пендаровски на тоа ваквите пораки да бидат прифатени од населението? Прифаќаат ли нешто од мислењето на голем дел од граѓаните кои е различно од нивното?

 Македонија е одново во тешка ситуација. Всушност државата одамна и не е била во ситуација која ќе се оцени барем за пристојна. Струја во овие студени денови има се помалку и се купува се поскапо, цените се повеќе растат и ги обезвреднуваат платите, неизвесно е и каква и колку стабилна и долгорочна Влада ќе имаме, се бараат нови избори по дебаклот на владеачката партија на локалните избори, евроинтеграцијата е блокирана и од нас се бара да се откажеме од сопственото потекло…

Така е веќе со месеци во текот на кои ги слушаме пораките на нашите највисоки државни функционери, посебно на премиерот Зоран Заев, на претседателот Стево Пендаровски дека во тешки моменти е потребно помирување и обединување во Македонија. Убави пораки, ама искрени ли се? Се работи ли на тоа пораките да бидат прифатени од населението? Прифаќаат ли нешто од мислењето на оние големи групи на население кои различно мислат од нив?

Во општеството постојат големи поделби околу потезите и одлуките кои досега ги донела токму актуелна владеачка структура. Преспанскиот договор со Грција со кој Македонија го смени уставното име и се откажа од делот на историјата, Договорот за добрососедство со Бугарија со кој се прифати дека имаме „заедничка историја“, изјави со кои се менуваат историски факти… само се дел од она што ги подели граѓаните.

 – Повиците апсолутно не се искрени! Сето ова е фарса за некоја цел, така да обединување и помирување не е можно кога се имаат различни ставови! Некој сака да гради држава, а некој да уништува се што е македонско, ни вели граѓанката Офелија Огненовска – Николовска.

Забележително е тоа што по таквите повици на државни функционери редовно отсуствува нивно конкретно делување за таа цел. Премиерот Заев и по сите негови пораки за обединување, пак, воопшто не чуствува потреба за некакво вклучување или соработка со опозицијата околу тешките преговори со Бугарија кои во прашање го доведуваат македонскиот идентитет.

– Сметам дека повикот на Заев, кој е во заминување, и на Пендаровски не се искрени, Тие се повици само од политички причини, да се покажат како “демократи” и загрижени за македонскиот народ, кој го продадоа, смета граѓанката Бранка Стојановска.

Практично, излегува дека повиците за помирување и обединување се даваат со цел страната која мисли поинаку да ги прифати ставовите на оние кои повикуваат на единство и така да се обединат. Односно, да се откажат од сопствените убедувања и програмските заложби. Во таква ситуација повиците остануваат само мртва буква на хартија која се слуша како незаобиколен рефрен за државните празници и слични прилики, а потоа се си е по старо – длабоки поделби.

Ненаучена лекција

Владеачката коалиција повторно ја убедува јавноста во тоа дека постојат шанси да се најде компромисно решение околу тешките бугарски барања за почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Но, се крие што се преговара и нуди.  Оттаму, решението може да стане нов извор на поделби и конфронтации во општеството бидејќи не се научи лекцијата дека за вакви сериозни прашања е потребно да се направи реално единство и обединување во земјава.

Претходна вестИмавме херои низ историјата за разлика од некои кои денеска ги продаваат идеалите
Следна вестФестивал на италијанска храна на плоштад „Македонија”