Чии оставки се следни во СДСМ, чии суети се поголеми?

Бранот на оставки и барања за нови заминувања почнува да ја тресе се уште владеачката партија СДСМ. По дебаклот на изборите партискиот лидер и премиер Зоран Заев најави оставка. Иако тој се нечка, веќе друг функционер на СДСМ поднесе оставка. Имено, претседателот на Надзорниот одбор на СДСМ, Горан Сугарески утрово преку Фејсбук соопшти дека поднесува оставка од неговата функција.

-Во знак на морална одговорност за неуспехот на локалните избори, како на локално така и на централно ниво, поднесувам оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ. Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија, напиша Сугарески кој доживеа убедлив пораз уште во првиот круг на изборите за градоначалник на Прилеп.

Од друга страна, поранешниот генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски вчера изјави дека очекувал оставка од целото актуелно раководство на партијата.

– Очекував целосна оставка од раководството пред се од солидарност кон Заев. Иако лидерот условно кажано сам потенцираше дека се чувствува најодговорен за случувањата не е единствено одговорен, рече Кирацовски.

Ваквите заминување и барања за нови оставки, очигледно, покажуваат дека се случуваат големи потреси во СДСМ. Поразот на локалните избори на виделина како да почнува да ги вади и внатрешните поделби, конфронтации, прегрупирања…

Кој се е виновен за тешкиот пораз, кој треба да си замине од партијата? Овие прашања ги мачат деновиве социјалдемократите.

Поранешниот партиски лидер и премиер Владо Бучковски пресиноќа истакна дека дебаклот на социјалдемократите е врзан за опструкциите кои ги правел порашениот неприкосновен партиски шеф, премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски.

– Неколку групации покажуваат амбиции за преземање на водството во СДСМ по заминувањето на Зоран Заев, а меѓу нив е и Бранко Црвенковски. Бранко не крие дека има амбиции и јас во 2006 година се соочив со суетата на Црвенковски. Не случајно некои членови од СДСМ останаа дома, кажа Бучковски во емисијата „Клик Плус“.

Во ноември минатата година, по скандалозното интервју на Заев за бугарскиот медиум „Бгнес“ Црвенковски соопшти дека ставовите на Заев предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Тој соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ се додека партијата не се огради од ваквите ставови. Неодамна, пак, на собирот во МАНУ Црвенковски рече дека „Македонија е корумпирана држава, нема еднакавост пред законот, нема правда, нема доверба во судството…“.

Но, дали главниот проблем на Заев во СДСМ е Црвенковски? Дали можеби проблемот на лидерот на владеачката партија е што многу негови сопартијци навистина се разочарани од него? Дали можеби изборите беа местото каде му покажаа на Заев дека не е се така розево во СДСМ и во Македонија?

Бучковски спомена суети, можеби со вистински одговор на овие прашања ќе се дознае кој е навистина суетен во СДСМ. Со тоа полека и ќе се решаваат сегашните внатрешни поделби во партијата. Не е лошо во меѓувреме во СДСМ да ја анализираат и пораката пратена од гласачите кои не се членови на партијата. Тие беа во огромен број.