Чија е Данела Арсовска?

Скопје е преполно со проблеми кои чекаат решение. По многу важни прашања треба да се бара одговорот. Како понатаму со проблемите со сообраќајот, со загадениот воздух, со лошите улици, со малкуте паркинзи и паркови, со гасификацијата, со…

Ама партиите во Скопје наметнаа друго прашање да е главно – чија е градоначалничката Данела Арсовска? Со која партија таа соработува, прашуваат тие преку соопштенија, прес конференции…

Така е веќе со месеци, посебно откако се случи разидувањето меѓу Арсовска и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со чијашто поддршка беше и избрана. По ова на ред дојдоа прекупувањата околу тоа чија е Арсовска, со кого е во коалиција во Градскиот Совет. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека таа е веќе во коалиција со СДСМ, ДУИ и со Левица, а тоа го повтори и денеска, откако синоќа се изгласа градскиот буџет.

Евидентна е усогласеноста и партнерството помеѓу СДС, Левица и ДУИ, додека ниту еден амандман не беше прифатен од страна на градот Скопје и новата коалиција кој беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија. Арсовска не прифати проекти кои самата ги вети од програмата „За модерно Скопје”. Односно Арсовска против Арсовска, на штета на скопјани, обвини оваа партија.

Но, и од СДСМ обвинија дека Арсовска е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

По вчерашното усвојување на Буџетот, ВМРО-ДПМНЕ ја потврди коалицијата со Арсовска и докажа дека секој нивни обид да се оттргнат од Арсовска е само уште една лага на партијата предводена од шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски, се наведе во партиското соопштение.

И така… двете најголеми партии се дистанцираат од неа и се чини голема енергија трошат на продлабочување на поделбите во градот. Но, во интерес на Скопје и скопјани е партиите додека го бараат одговорот на од нив поставеното прашање, да не кочат – минираат туку да го направат она што е најдобро за градот и кога треба да соработуваат со градоначалничката.

Воедно, Скопје сега чека да види дали Арсовска е пред се – своја. Градоначалничката треба да припадне на Скопје, на неговите граѓани. Кога треба, поради доброто на градот, да соработува со сите партии – без тензии и непотребни расправии. Ќе направи ли таа да биде така?

Градоначалничката треба да биде посветена на проектите кои им ги вети на скопјани. Една година од мандатот и проврве, малку се направи. Скопје е притиснато од проблеми, нема време за чекање некакви си одговори на споредни прашања и дилеми. Главниот град на Македонија очекува сериозност – работа и од партиите и од Арсовска.

Претходна вестУапсени двајца рекетари, прво му барале 6.000, па 12.000 евра на крушевчанец
Следна вестКнига со поезија за деца од македонски автори објавена на словенечки јазик