Не е точно дека сме набавиле скапи ремени. Ова денеска го укажа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во врска со обвинувањата на Независниот синдикат на полицијата дека МВР набавила 600 ремени за 300.000 евра.
-Во однос на обвинувањето на Независниот полициски синдикат дека сме набавиле ремени за некоја фантастична сума, мислам дека се работи за неточна информација. Ги повикувам сите медиуми и граѓани да проверат, сите набавки се јавни. Ги повикувам да ја проверат оваа информација од јавен карактер. Се работи за потреба која е дискутирана на координативното тело со оглед дека со уредба на Владата се скрати приправничкиот стаж заради потребата од зголемен обем на работа за речиси 600 приправници. Имаме недостиг од опрема, вклучително и ремени, така што оваа потреба е дискутирана на координативното тело и е одобрена. Во однос на висината, јас ги охрабрувам медиумите, тоа е јавна информација, ќе ви ја доставиме тогаш кога ќе биде побарана од нас, рече министерот Чулев.
Претседателот на независниот полициски синдикат, Гоце Делчев – Тодев, утрово на прес-конференција изјави дека МВР потрошило 300.000 евра за набавка на 600 ремени, но подоцна ја коригира сумата и рече дека се потрошени 30.000 евра.
-Се работи за лапсус. Ненамерна грешка. Сумата е 30.000 евра, рече претседателот Тодев објаснувајќи зошто на прес-конференцијата рече дека МВР на ремени потрошило 300.000 евра, пренесува Макфакс.