Во изминатово деноноќие имало вкупно 18 пожари на отворен простор од коишто има само еден (1) активен, пет (5) се под контрола и 12 се изгаснати, соопшти денеска Центарот за управување со кризи.
-Активен е пожарот во Општина Македонски Брод, кај с.Тажево, близу ЈП„Јасен“. Од утрово дејствувањето продолжи, со тоа што прво се извидиваше, бидејќи од вчера вечерта, имаше на тој предел многу густа магла со чад на просторот токму каде што треба да се дејствува, се наведува во инфорамцијата.
Се додава дека денеска пожарот на територијата на Јавно претпријатие за управување и заштита а повеќенаменското подрачје „Јасен”, популарно именувано „Ловиштето Јасен“ е целосно изгасен. Вработените во „Јасен“ подржани од два воздухоплова од МВР од 08.00 часот работеа на негово целосно догасување, дури и во делот на внатрешното согорување на трупците и опожарените дрвја.
-Во моментот нема чадење, а воздухопловите се префрлени на страната кон селото Тажево и Брезница, Општина Македонски брод. Таму во догасувањето на пожарот се вклучени 40 припадници на Армијата, 30 лица од специјалните сили на МВР и 10 пожарникари од ТППЕ Македонски брод. На тој потег кај с.Тажево, од страна на Градоначалникот на Македонски брод е вклучена и една градежна машина што работи на правење на просеки кон селото Тажево. Се уште дел од пожарот е активен од Тажевскиот Рид (локација каде што се репетиторите) кон селото Тажево, но со концентрирано дејство за релативно кратко време се очекува да биде ставен под контрола. Сите други пожари на територијата на Државава се изгаснати. Во моментот нема активни пожари, наведуваат од ЦУК.