ЦУК: Опасност од брзо зголемување на водостоите на реките и суводолиците

Започнувајќи од попладневните часови се очекуваат врнежи од дожд на целата територија на земјата, кои посебно ќе се интензивираат во текот на вечерните часови и за време на ноќта. Поради тоа што постојат изгледи и веројатност локално врнежите да бидат интензивни и поројни, Центарот за управување со кризи предупредува на можност од брзо зголемување на водостоите на помалите реки и суводолиците со можност за нивни локални излевања, а исто така можни се и локални проблеми во дел од градските урбани средини.

За време на ноќта и утре изутрина се очекува зголемување на водостојот на сите реки низ земјава, а посебно на оние во југоисточните и источните делови, како и во крајните западни делови.

-Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава во текот на вечерните часови, претстојната ноќ, како и за време на утрешниот ден, истакнуваат од ЦУК.