Koлумна на Никола Тасев:
Цел свет е растрчан по вакцината против Ковид-19. Во Македонија по тоа прашање се чека милост од соседите кои се членки на ЕУ. Некако не се оди директно да се набавува од производителите, нам се некој ни треба да ни е посредник, те за вакцините, те за небото да ни го чувале, те пат да ни отвореле кон ЕУ…
Затоа во Македонија под итно треба да се набави вакцина за вакцинирање на државните челници против малодушност, непостојаност и мрзливост. Таа вакцина ни е исто така неопходна во овој момент. Нивните грешки, коленичењата и неуспесите на патот кон европските интеграции ги доведуваат во состојба на малодушници, кои кога ќе бидат изиграни, секогаш ја бараат вината во некој друг. Вчера тоа беше Грција, денес Бугарија, а утре најверојатно ќе бидат Србија или Албанија. А всушност грешката е во нив…
Историјата на функционирање на македонската држава покажува дека секое ново условување, секоја пречка од соседите или од бриселската администрација, најпрвин од државното раководство се демонстрира со подготвеност да се прифати се, па неуспехот се доживува како национална трагедија, за по неколку дена да се трансформира во глуматање кој е поголем патриот. Па така, премиерот Заев најпрво им се увлекуваше на Бугарите, по ветото глумеше „навредена снаа”, за од пред неколку дена да се претвори во најголемиот патриот и бранител на македонскиот идентитет.
Е затоа ни треба таа вакцина што ќе ја прими секој што доаѓа на државна функција. За да нема такви претумбации во нервниот систем на нашите политичари.
Проблем во нашата европска интеграција беше Грција, сега е Бугарија, но главниот проблем е што во овие 15 години не успеавме да изградиме алтернативна стратегија за нашата приказна: членство во ЕУ.
Сите сме свесни дека Европската Унија е најдобра опција за Македонија, се разбира под услов тоа да не значи откажување од идентитетот. Затоа, ако гледаме дека удираме во ѕид, треба да си го поставиме прашањето: Дали има алтернатива за нашето членство во ЕУ?
Колку и да звучи чудно, но алтернативата за ЕУ, повторно е ЕУ, но само спакувана на различен начин, со редефинирана стратегија: реформи и раздвојување на политичката од економската интеграција.
За таа нова стратегија да биде доволно убедлива, за Европската Унија да сфати дека не може вечно да не условува со прашања кои за нас се апсолутно неприфатливи, мора самите да се потрудиме. Алтернативата да ја побараме дома, да ги достигнеме европските стандарди, да се реформираме но овојпат практично, посветено и вистински, а не само на прес – конференции, во соопштенија, во интервјуа и на партиски митинзи.
За ова не ни е потребен „камшикар од Брисел” да не тера да работиме, како што објаснуваше премиерот Заев во една прилика, туку треба секој функционер да си го пронајде „камшикарот” во самиот себе. Доколку го нема тоа, треба да биде заменет.
Прво, домашните камшикари мора да го унапредат демократскиот капацитет
на државата, да го ослободат бизнисот и пазарната економија од политичките окови, да го усогласат правниот систем со концептот на европското право, да ги спроведат реформите во сите области што е неопходно за приближување кон ЕУ стандардите.
Второ, да се остварат силни билатерални економски конекции си сите држави од ЕУ.
Трето, да се свртиме и кон Балканот со промовирање и реализирање на идејата за шенген во регионот и отворени граници со Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна.
Новата стратегија со жестоки реформи и со силно економско поврзување со ЕУ ќе даде резултат, затоа што чекањето пред бриселските врати нема да биде залудно потрошено време. А кога ќе дојде „нашето време” за политичко интегрирање во ЕУ, ќе бидеме максимално европеизирани.