Да им се даде мотики на пратениците, да си го средат дворот на парламентот

Барем во нешто да се корисни

Ако ја погледнете зградата на македонскиот парламент од главниот влез ќе видите аранжирани цвеќиња, зеленило, чист влез…, ама ако го погледнете од страната на домот на АРМ или од страната на Зелено пазарче ќе видите купишта земја, искршени гранки, десетици греди, запустени грмушки, неисчистени контејнери… Значи, фина фасада и потоа сосема друга содржина… Така е веќе со години, нешто што претходно било уредена зелена површина одамна е оставено само на себе. Парадоксално, бидејќи се работи за простор веднаш до парламентот и кој, според сите, норми би требало да биде еден од најуредените во градот. Но, она што е правило во други држави, во случајот на нашето Собрание очигледно не важи.

-Ова е навистина срамота што целиот тој простор така изгледа. Не ми се верува дека надлежните можат да дозволат сето вака да се запусти. Ова трае со години и ништо не се менува. Некој треба да реагира, ако не општината, тогаш пратениците. Зарем тие не го гледаат ова, ни рече скопјанката Ружица Темелкова.

А вака е веќе речиси пет години откако во 2014 општинските власти на Центар и одобрија на фирма на тој простор да направи катна гаража. Идејата била во таа гаража најмногу да се паркираат пратениците, вработените во парламентот, од Домот за АРМ и од Министерството за надворешни работи кое тогаш беше лоцирано таму. Но, не е почната градба, па од страна на општина Центар било поништено одобрението за градба и прогласено за ништовно. Тоа, практично, значи дека тој простор пак си е слободен за уредување, но проблемот тука произлегува од фактот што земјиштето од 2013-та година е во сопственост на фирмата.

Што натаму ќе се случува со земјиштето останува енигма. До сега, ниту сопственикот, ниту општина Центар јавно не иницирале нешто за да се смени изгледот на просторот. Зачудува и тоа што со таквата иницијатива не се јавиле ниту пратениците од македонскиот парламент, ниту министрите и други функционери кои тука секојдневно поминуваат. Нема барање ниту од пратениците на партијата на „зелените“ ДОМ, од Лилјана Поповска и Маја Морачанин, која во својата програма се залага за зачувување на природата.

-И онака ништо посебно не прават во парламентот, барем дворот нека си го средат. Нека им дадат мотики на пратениците и нека го раззеленат паркот позади парламентот. Нели имаат и две пратенички што се фалат дека се од зелените, ни прокоментира скопјанецот Ратко.

Вака, просторот е оставен сам на себе: клупите за седење се распаднати и никој не ги обновува, околу купишта земја и градежен материјал се собираат отпадоците, а лошата глетка ја надополнуваат и бројните паркирани автомобили. На сето ова само се надоврзува и лошата состојба во која што се наоѓа и Домот на АРМ кој секоја година се повеќе пропаѓа како објект и никако да се реконструира. Со тоа, целиот простор е неуреден а што се повеќе им пречи и на минувачите.

– Некогаш поминувам тука навечер. Темно е и стравувам дека некој би можел да ме нападне иако се тука државните институции. Ова е најтесниот центар на градот а ова е како некоја црна дупка во него. Нешто треба да се смени и да се уреди, смета скопјанецот Марко Илиевски.

Дрвјата се сушат едно по едно
Она што е загрижувачи е и тоа што постоечките дрвја почнале да се сушат. Веќе неколку стебла се целосно исушени и така стојат веќе подолго време. Исушени се и грмушките околу нив, а и дрвјата кои се уште преживуваат се во лоша состојба. Но, како и целиот простор така и тие се оставени сами на себе и на пропаѓање. Ова сигурно значи дека и она малку зеленило што тука постоело наскоро целосно ќе изчезне.