Да имаше избори секоја година, платите и пензиите ќе ни беа како во Германија

Како тргна власта – земај дебело кредитче и бркај работа…

Сето ова што се прави со покачувањето на платите е предизборен маркетинг. Тие кредити ќе паднат на товар на граѓаните, смета Беба Димитровска

Сетете се што и се случи на Грција пред неколку години, затоа што живееше побогато од што всушност државата можеше реално да плати, ни коментира пензионерот Андреј.

Наеднаш, Владата наоѓа пари за да се покачуваат плати во образованието, во здравството, да се покачуваат пензии… Лекари – специјалисти со покачување на плати од 25 проценти, просветарите со 10 проценти, пензиите зголемени за 700 денари, поголеми плати и за администрација… Како на лента се нижат одлуките на Владата да им ги задоволи барањата на синдикалците… Според некои проценки за да се задоволат сите овие барања ќе бидат потребни повеќе од 100 милиони евра годишно од државната каса.Од каде ќе се најдат овие пари кои до сега ги немаше? Пак ќе се земе позамашно кредитче?

Ама, кој сега мисли на одговарање на овие прашања, кога е во прашање приближувањето на парламентарните избори. Очигледно, проценка на власта е дека до тогаш не треба да се дозволат штрајкови, незадоволството на граѓаните заради нефункционирањето на школите, болниците… Таков социјален мир треба да се купи со парите од државниот буџет кој за следната година е испланиран на рекордните 3,9 милијарди евра. Но, дали и во таков рекорден буџет ќе има доволно пари за исплата на серија на покачувањата или ќе се посегне и по други извори какви што се кредити од странство и слично. „Скопско ехо“ неодамна предупреди на тоа дека продолжува трендот на високото задолжување на земјата. Само во последниве три месеци земјата е задолжена за околу 200 милиони евра и со што вкупниот јавен долг на државата достигна 5,3 милијарди евра. Односно, секој граѓанин, во просек е задолжен по околу 2.500 евра!

-Ветуваа дека сите ќе земаме по 500 евра плата и сега властите се подготвени да не презадолжат за да глумат дека платите се качуваат во ветениот правец. Само наивни можат да поверуваат дека вештачки покачените плати нема да им се удрат од глава. Сетете се што и се случи на Грција пред неколку години, затоа што живееше побогато од што всушност државата можеше реално да плати, ни коментира пензионерот Андреј.

Стравот дека заради купување на социјален мир и изборни гласови ќе продолжи и задолжувањето на земјата, не го кријат и други наши соговорници.

-Сето ова што се прави со покачувањето на платите е предизборен маркетинг. Тие не се резултат на порастот на продуктивноста туку на определбата тоа да се враќа преку странските кредити. А тие кредити ќе паднат на товар на граѓаните, смета Беба Димитровска.

Во таква ситуација, долгот на секој граѓанин веднаш ќе се зголеми за околу 50 евра и што ќе биде уште потешко за враќање. Фактот дека околу 100 милиони евра секоја година ќе се бараат од странски кредити се поткрепува и со тоа дека во земјава не се случило зголемувањето на продуктивноста. Односно, како што не е зголемена во производниот сектор така не е подобрена работата на прекубројната државна администрација и на други непроизводни сектори.

-Брзо ќе се види дали овие покачувања ќе се покриваат со кредити. Ќе следам како се задолжуваме во странство и тоа нема да може да се сокрие. Не сакам моите внуци да ги отплатуваат кредитите кои некој ги земал заради тоа што ќе има избори, потенцира скопјанецот Зоран Илиевски.

Инаку, завчера излезе податокот дека за да се финансира буџетскиот дефицит и да се спроведат проектите, Владата следната година ќе се задолжи за дури 1 милијарда евра, дома ќе позајми 440 милиони, а од странство 558 милиони евра.

Како опозиција го критикуваа задолжувањето, а сега…
Во период кога беше опозиција актуелната владеачка партија СДСМ силно ги критикуваше задолжувањата на тогашната власт.

-Расипничкото трошење на буџетските пари од страна на ВМРО-ДПМНЕ резултираше со историски највисок јавен долг во висина од 4,7 милијарди евра. Наместо да спроведуваат издржани економски политики, тие десет години се занимаваа со задолжување и со криење на долгот кон домашните компании. Тие ја донесоа економијата пред бездната, а со расипничкото задолжување ги заглавија идните генерации да ги враќаат долговите направени заради популизам, изјавија од СДСМ пред изборите во 2016-та година.