Да можеше да се скија по празни ветувања, Пелистер ќе ги надминеше Алпите

Сега властите ветуваат препород на Осогово

Македонија е полна со високи планини, ама нема многу скијачки терени. Затоа пак има многу ветувања дека ќе се изградат – наскоро. Последно такво ветување е дека на Царев Врв на Осоговски планини ќе се гради најмодерен ски – центар на Балканот, а вредноста му била 100 милиони евра кои ќе ги вложела Владата. Дали ќе се реализира тоа ветување?

Најави за голем ски – центар имаше и за Пелистер. Туристичка преродба на планинскиот убавец е запишана во многу предизборни програми, проекти, елаборати, студии, но низ годините ништо од тоа не се реализирало. Сега веќе не се знае дали е потешко да се стаса до терените на планината во која е и Националниот парк или е потешко да се гледа состојбата во која се наоѓаат ски – терените Копанки и Нижополе, изгорениот планинарски дом Копанки, затвореното детско одморалиште…

-Патот од Битола до Пелистер е катастрофа, повеќе земја од асфалт. Има дупки, мора да возиш 10 километри на саат. Уште попасно е да се возиш со велосипед. Ни зборат за жичарница, а пат нема. Пред три децении беа направени резервоари за вода за снежни топови кои сега се затрупани. Дури ни Тревата на терените не се коси. ЕЛЕМ и “Стрежево“ кои со нив стопанисуваат не потсредуваат нешто, ни потенцира преку Фејсбук, Зоран Спирковски од Битола.

А ветувањата за Пелистер беа поинакви, се даваа од избори до избори.

-Ќе развиваме планински туризам, ќе го реновираме детското одморалиште, ќе го реновираме и планинарскиот дом Копанки, ќе обезбедиме чиста вода за потпелистерските села, изјавуваше во партиските спотови на СДСМ тогашниот кандидат за пратеник, а сега министер – Радмила Шекеринска.

Лани во декември, пак, министерот за локална самоуправа Горан Милевски по реконструкцијата на два ски-лифта на Пониква најави дека на ред се оние на Пелистер и на Кожуф. Тогаш премиерот Зоран Заев најави дека Владата за проекти, меѓу кои и за жичарница, во Битола ќе одвои околу 1 милион евра а пред некој месец Милевски потсети дека „на Пелистер 70 години се сака жичарница и ски-центар а нема ниту проект ниту физибилити студија…“. Се даваа ветувања и на последните локални избори, на изборите пред нив…

Граѓаните веќе немаат верба дека нешто ќе се смени.

-Во очајна состојба се терените Копанки и Нижеполе, а од избори до избори премногу лаги се изнаслушавме. Јас не веруваме дека со овие градоначалници и со слични на нив сега ќе се остварат изборните ветувања, ни пишува битолчанката Сузана Ѓорѓиевска.

Слично мисли и Зоран Спирковски кој потсетува дека такви ветувања имало премногу.

-Од сите гарнитури и партии се давани ветувања за изградба на ски-центрите и за обновата на планинарскиот дом но ништо не се случи. Ништо не е направено. И сега нема да има ништо ниту од нови ветувања кои сега се даваат. Тоа се само паушални изјави пред изборите, ни потенцира тој.

Изгорениот планинарскиот дом се гради само со зборови

Цели осум години откако изгоре во катастрофалниот пожар како урнатина се уште стои планинарскиот дом Копанки. Во февруари годинава битолската градоначалничка најави дека општината сама повторно ќе го изгради со сопствени средства. Ветувањата дека домот ќе се обнови таа ги даваше и пред четири години во кампањата за избор на градоначалник. Мандатот на градоначалничката сега привршува и прашање е дали домот до тогаш ќе биде обновен.

Претходна вестВо Грција од денеска може и со брз тест, не мора ПЦР
Следна вестСе отвара конкурсот за просторот кај „Треска“, не се знае кој може да учествува