Да не се бега од целосно решавање на „Рекет“, но и од набавката на радарска опрема, иновациските грантови…

Скопјани не ги забораваат аферите ставени во фиоки

Повеќе од 40 дена скопјани гледаат како се расчистува случајот-аферата „Рекет“. Поточно, гледаат како сето тоа оди споро и нецелосно, како да не се работи за случај кој мора најбрзо и темелно да се расчисти. Обвинителите си дозволија дури и да заминат на годишен одмор. Па, така, првоосомничениот се уште не е ниту распрашан!? Таквиот однос кон ова сериозна афера која ги тресе високите нивоа во извршната и судската власт, кај скопјани предизвика разочараност.

–Сето ова мора да се расчисти, да не се сокриваат функционерите од СДСМ. Ако не се случи такво нешто тогаш веќе нема да имам никаква верба ниту во нашето судство, ниту во државните институции, ни вели скопјанецот Драган Стојановски.

Стравувањата на граѓаните дека целата афера ќе се разводни имаат оправдани причини. И тоа не само оти гледаат како се води постапката туку и затоа што знаат дека досега имаше афери и случаи кои надлежните институции најавија дека ги расчистуваат, но тие се уште немаат разврска.

-Не само „Рекет“ да се расчисти и аферата во која беше споменуван генералниот секретар на Владата Драги Рашковски. И таму се споменуваа многу милиони евра. Народот треба да знае што се случило, и дали некој и таму треба кривично да одговара, дециден е скопанецот Иван К.

Навистина, до каде е тој случај? Јавноста ги слушна снимките околу договорања за тендерот за набавка на радарската опрема вреден 7 милиони евра, од кои потекоа сомнежите дека се барала провизија, но се уште ништо од истрагата. Во Јавното обвинителство има пријава, тој случај е на маса и на Антикорупциската комисија но работите како да се во лер! Ништо не се соопштува ниту за истрагата за грантовите од Фондот за иновации. Таму уште пред повеќе од една година се поделија пари од околу 10,5 милиони евра на 80 компании, по што произлегоа податоци дека неколку од компаниите што примале пари се блиски на функционери на СДСМ. И тој случај го зема Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал, но се уште ништо кон конкретно не е соопштено. Скопјани не забораваат и дека самиот премиер во ноември 2017 година најави истрага за двајца високи преставници на власта, но и дека од тоа немаше ништо.

Граѓаните во сето ова ја препознаваат тактиката да се релативизираат аферите.

– Јасно е дека граѓаните бараат и очекуваат аферите да бидат целосно расчистени. Криминал е криминал. Дали е рекет, дали е сега или од ’90-та наваму, за се треба ревизија и одговорност. Поради ваквите и слични афери, државава е на ова дереџе, ни рече скопјанецот Петар Темелков.

Слично размислува и неговиот сограѓанин Ѓоше Кајмаковски:

-Сите овие случаи треба да се расчистат. Но, ми се чини дека тоа бавно се прави бидејќи сакаат да се заташкаат, вели тој.

Кои афери мора исто така да се расчистат?
Во нашата куса анкета, скопјани побараа разрешница и за овие три афери:
– Набавката на радарска опрема
– Делењето пари од Фондот за иновации
– Кого премиерот мислеше да го гони во 2017?

Се одолговлекува за да се добие во време
Симион Иванов е дециден:
– Мислам дека случајот „Рекет“ нема да се истражи до крај и дека власта се ќе превземе да забошоти. Обвинителството е партизирано до коска, како порано-така сега. Инаку, ако беа чисти, мислам на власта, досега ќе превземеа нешто. Сега само одолговлекуваат за да добијат на време. Без меѓународен притисок, нема да има ништо, смета Иванов.