Да ни даваат шлемови за побезбедно да поминуваме кај Домот на АРМ

Порано беше пример за ред, чистота, одржување…

На времето да поминеш покрај воен објект сегогаш можеше да забележиш две работи ред и уредност. Потполно друго е чувството сега да поминеш покрај Домот на АРМ во центарот на Скопје. Двете вдлабнати крила на оваа зграда кои се свртени кон недовршената црква одамна се претворени во јавен тоалет. Ужасниот мирис е доволен за да се забележи тоа. Нема да ви се верува, ама има и по некој куп на измет кој стои со денови. Зарем ова е воен објект, во кој порано и тоалетите ако треба се рибаа со четкици за заби? Но, за жал, ова е само дел од состојбата во која се наоѓа овој објект кој некогаш беше еден од најрепрезентативните во главниот град на Македонија. Надворешните тавани се распаѓаат, нема одржуван двор… Очигледно, во изминативе години грижа за зградата која е во сопственост на Министерството за одбрана, била слаба, односно занемарувачка.

-Често поминувам од тука за кон плоштадот. Ги гледам и фекалиите, забележувам и како зградата постојано пропаѓа. Се чудам како ова го дозволува Министерството? Оваа зграда сепак треба да изгледа пристојно бидејќи во неа се одржуваат разни активности. Зарем ќе дозволат таа целосно да пропадне, прашува скопјанецот Димитар Илиевски.

Речиси да нема страна од Домот за која може да се каже дека е сочувана и неоштетена. Ако поминувате преку широкиот премин кој од страната на парламентот води кон главниот влез, веднаш ве пресретнува целосно разрушен таван на кој висат голите цевки од парно греење и од водоводната инсталација. Алуминиумскиот плафон одамна е отпаднат и тоа никој не го поправа.

-Војската треба да ни дава шлемови за тука побезбедно да се помине. Инаку, како да се заштитиме од можноста нешто да не ни падне на главите. А всушност амо треба да се поправи таванот, ни вели Дамјан З.

Инаку, соседниот ѕид е ишаран со графити, а од фасадата на речиси сите страни од зградата отпаѓа малтер. Оваа грда слика ја надополнуваат и исушени дрва и трева околу, искршени плочки на тротоарот, балконите зараснати во мов, жардињери полни со отпадоци…

-Родена сум во Скопје и за жал не си го препознавам родниот град кој е обезлочен. Се што беше убаво се уништи па така и Домот на АРМ кој е во очајна состојба. Би сакала да остане и да се реновира за да биде таков каков што си беше некогаш. Сега е вистинска руина, ни рече скопјанката Лела Сатовиќ.

Дали армијата која брои неколку илјади војници и офицери дигнала раце од овој објект, кој е всушност нивен? Ако може да се држат уредни касарните зошто да не може и Домот на АРМ?

Да не зборуваме дека на зградата и треба целосно реновирање во внатрешноста. Па нели во НАТО ќе се влегува? Или некој си мисли дека и таму се вакви стандардите?

И соседната Феудална кула продолжува да се распаѓа
За да биде грдата слика покомплетна, се потрудила и Феудалната кула. Таа практично е споена со Домот, и исто така е во очајна состојба за што „Скопско ехо“ неодамна пишуваше. Оттогаш, најзината состојба уште повеќе се влошила и тоа се гледа на целиот објект.