Да се одложи ултимативниот рок за промена на личните документи, а и цената да се намали

Во сета криза и беспарица над просечниот граѓанин се надвисна уште еден задолжителен трошок. Власта нареди дека до почетокот на 2024 година морало да се сменат личните документи. Во нив морало да го има омилениот збор на Владата – „Северна“.

И така, договорот којшто македонската Влада во Преспа го склучи со Грција обврзувајќи се да го смени уставното име и покрај негодувањето на јавноста и непоминатиот референдум – стаса и до личните документи и до празните џебови на граѓаните. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски деновиве ги потсети дека почеток на 2024 година е последниот рок во кој треба да ги сменат документите.

-Дадовме рок при примената на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за јазиците, објасни тој.

А рокот предвидува во период од пет години, од почеток на важењето на Преспанскиот договор, да се изврши ваква замена со која на личните документи ќе го има новото-наметнато име на нашата држава. Во Договорот, инаку, е предвиден и „политичкиот“ преоден период кој се однесува на сите документи и материјали коишто се за внатрешна употреба и чие издавање ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. Но, тоа веќе никој не го споменува… а отворање на поглавја има само во министерските сништа.

Властите решија да не чекаат ни ден повеќе, да не одложуваат, како што своите обврски кон Македонија ги одложува ЕУ, и документите за надворешна и за оние наменети за внатрешна употреба на македонските граѓани да ги менува до 2024-та година.

Мораше ли да биде така? Зошто не се одложија работите за догледно време?

Но, не само што кај власта немаше дилема за ова, туку таа неодамна најави и нови цени на издавањето документи. Се разбира, значително поскапи. Па, така, за лична карта граѓаните сега ќе мораат да платат 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Возачката дозвола ќе чини 410 денари, што е поскапо за 130 денари. Цената на пасош за лице до 27 години останува 1500 денари, но за лице над 27 години ќе изнесува 2000 денари…

Министерот Спасовски деновиве објасни дека причината за поскапувањето е зголемента цена на репроматеријалите. Меѓутоа, дали ова може државата да го покрие, оти таа ги наметнува промените? Па нели има пари во буџетот еве многу се дадоа са автопатишта што не се ниту почнати? Мисли ли некој на тоа дали ќе издржат граѓаните со нови трошоци?

Владата и МВР треба добро да размислат дали ултимативно да ги условува граѓаните со менување на личните документи до крајот на оваа година? Односно, подобро е таа обврска да се пролонгира, да нема краен рок, барем уште две – три години кога многу работи ќе се и појасни, а и да се остави на постепено менување на документите како што нивните рокови на важење истекнуваат. Со тоа ќе нема ни тензии, нервози, метежи пред шалтерите на МВР кои само уште повеќе ќе се зголемат до крајот на годината и ќе станат парализирани заради големиот прилив на барањата. 

А од ова уште поважно е МВР да се откаже од поскапувањето на издавањето на личните документи. Цените на репроматеријалите се поскапени во многу сектори па таму се најдоа начини да не се случат така драстични поскапувања. Така и сега, Владата и МВР мора да најдат решение за намалување на зголемените цени кои веќе станаа недостапни за просечното македонско семејство. Во спротивно, ќе се дојде во ситуација да имаме граѓани и без лични документи… 

За понижувањето дека други ни кажаа (а власта прифати) како треба да ни изгледаат личните карти, пасошите, возачките дозволи… ич да не зборуваме. 

Претходна вестЛевица: Да се укинат профитерските друштвата за брзи кредити, воведување државна комерцијална Банка за бескаматно кредитирање
Следна вестСуспендиран полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Талевски