Да сум татко на Скопје, ќе ја реновирам спортската сала во Градскиот парк

Горан Живковиќ, економски техничар, одговара на прашањето на „Скопско Ехо“ кои три работи прво би ги направиле ако сте градоначалник на Град Скопје. За него приоритет би било средување на објекти кои ги користат граѓаните, но не ги заборава и решавањата на сообраќајните проблеми.

1. Нов живот за старата спортска сала

За спортската сала во Градскиот парк не врзуваат многу убави спомени. Во неа се случувале многу спортски победи на скопските клубови. Таа сала сега е во фаза на распаѓање и тоа е недостојно за градот. Слично како што е случајот со Универзалната сала. Неа ја реновираат, а јас би се заложил и за реновирање на салата во Градскиот парк. Таа би добила нов, помодерен, изглед, би добила и нови содржини, со кои би задоволувала најразлични потреби. Со тоа би се создало место за нови скопски мемории.

2. Нов Луна парк

Откако се затвори Забавниот парк најмладите во градот практично немаат место каде да уживаат. Така е, за жал, со години. Најмладите мора да добијат свое место за забава, тоа е потребно од повеќе причини. Но, сведоци сме како Луна паркот со години никако да се направи иако постојано се ветува. Јас веднаш би се ангажирал за правење на таков проект и во најбзо време би го направил. Дотогаш ќе се стабилизира и ситуацијата со корона вирусот.

3. Подземни сообраќаници

Сообраќајот во градот е задушен и потребни се нови решенија за да се намалат гужвите. Секој ден возам низ центарот на Скопје, како го викаат тоа “ тесно грло” и најгусто е кај „Мавровка”, пред старата „Нова Македонија”, кај стара рампа Кисела Вода, од хотел „Континентал” до Нова железничка… Секаде каде што е можно ќе направам подземни сообраќајници за да има побрзо движење на возилата. Во сите поголеми европски градови има сообраќај на три нивоа – подземен, површински и надвозници.