Да сум градоначалник, веднаш би ја приширила крстосницата кај Тутунски комбинат

Програмерката Весна Стојанова-Трајковска, одговара на прашањето – кои три работи би ги направила, ако таа е градоначалник на Скопје.

  1. Побрз проток на сообраќајот

Крстосницата кај Тутунски комбинат треба да се прошири за да овозможи побрзо движење на возилата. Тоа значи дека треба темелно да се промени и јас тоа веднаш би го направила. Можеби и со подземни и надземни решенија. Секаде да има 4 ленти. Таму се слеваат булевари кои завршуваат во несразмерно мала раскрница. Протокот значајно ќе се подобри, а тоа е во интерес на граѓаните од овој дел на градот.

2. Ослободување на тротоарите

Расчистување на сите узурпирани тротоари од страна на возилата кои ги користат како паркинг. Добар дел се узурпирани и од кафулиња или од приватни лица за дворови. Сеедно. Итни решенија се потребни. За 30 дена да се врати/формира тротоар од нивна страна. Или по 30 дена градот ке го направи тоа за нив и ке добијат фактура.

 3. Активирање на неискористени улички

Би направила и детална анализа на улици кои поради влијанието на одредени граѓани сега се паркинг. Како да се активираат со цел да се подобри сообраќајот.. Пример- Кај средното училиште „Јосип Броз Тито“ има уличка која оди кон пунктот на МВР за издавање на лични карти и поликлиниката „Железничар“. Таму сега има рампа и таа уличка е претворена во паркинг. Зошто таа уличка да не се користи како сообраќајница доколку анализата покаже дека тоа ќе помогне.