Да, за онлајн парламент, но само ако гласањето е безбедно и сигурно

Се заканува ли нова конфронтација меѓу власта и опозицијата во македонскиот парламент, сега околу најавата дека пратениците ќе работат и онлајн? Судирот и непостигнувањето на консензус околу ова е очигледен со оглед на крајно различните позиции околу воведувањето на оваа новина. Собранискиот претседател Талат Џафери најави дека планира да се реализира оваа идеја.

-Соочени со предизвиците на пандемијата со Ковид 19 сите заедно ќе треба консензуално да изградиме деловничка основа за можност за работа на Собранието од далечина, особено за гласање од далечина, изјави Џафери.

Ова го посакуваат и од редовите на владечаката СДСМ.

-Еден заболен независно дали станува збор за пратеник или вработен во собраниските служби може да ги стави во изолација сите пратеници и целото Собрание. Единствен начин е онлајн работа, изјави координаторот на пратеничката група Јован Митревски.

Но, за опозицијата ова претставува обид за замолчување и нема да ја поддржи ваквата промена. Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ смеат дека ова е и неуставно и неприфатливо.

-Ова е само обид на власта да ја замолчи опозицијата во дискусиите. Не е возможно да има онлајн Собрание впрочем и единствената работа и поента да се оди во Собранието е да можат сите пратеници таму лично јавно да го кажуваат и да се изјаснуваат на начин на кој што тоа е предвидено и со Уставот и со Деловникот, истакна Јанушев.

И опозициска Алијанса за Албанците смета дека ова е обид за замолчување на гласот на народот преку истапите на пратениците.

Сега, останува дилема како ќе се дојде до партискиот консензус за примените со собранискиот Деловник преку кој би требало да се внесе промената за можноста да се гласа онлајн. 

Што велат скопјани за ова:

-Воопшто не ми е важно што немало да можат да дискутираат во сала, но важно ми е да не се манипулира со гласањето, а при онлајн гласање тоа е можно, вели аеродромката Лидија.

-Нека одат во парламентот. Нели пропишаните мерки се доволни? А работничките во текстилните фабрики од дома ли работат ли се напикани една до друга во халите? Премногу поволности бараат пратениците, вели Горан Фидановски.

-Пандемијата е незгодна работа. Ако имаат системи кои гарантираат сигурност при гласање, односно да не гласа некој по неколку пати за да се постигне потребната бројка, нека се работи и онлајн. Важно мора да го тргнат сомнежот, бидејќи до сега сме виделе дека и кога се во сала лажираат гласање, дециден е скопјанецот Емил.