Дајте им по уште два мандата на градоначалниците, може ќе го завршат кружниот тек во Кисела Вода

Јапонците тунели долги со километри прават за една година, кај нас во Скопје кружен тек се прави неколку години и не е направен. За жал, во општината Кисела Вода немаат вработено Јапонци и затоа таму на последна „24“ пешаците кои го поминуваат вечно недоправениот кружен тек не знаат на што повеќе да внимаваат: дали на колите кои тука често поминуваат, а коловозот воопшто не е обележан со пешачки премини или на незавршените сообраќајници по кои граѓаните може да се сопнат и повредат? Таква е состојбата веќе речиси цели четири години. Едноставно, не се завршува овој не толку сложен градежен зафат кој им го искомплицира животот на тамошните жители.

– Многу е лошо, веќе е неподносливо. Кога одиме може коли да не удрат. Одат тука и мајки со мали деца, велосипедисти, стари луѓе… Едно мало невнимание е доволно некој да настрада. Ништо не е обележано, а сите тука поминуваат. Не требаше да дозволат волку долго да се прави ова. Ако не ти било се подготвено, не почнувај да го правиш. Со години голтавме прашина тука, а сега ставија слој асфлат. Но, и сега не го завршуваат иако градат во други делови од градот. Не можеш да градиш на десет страни во исто време. Заврши едно, па почни друго, револтирано вели Наде Стефковска, продавачка во продавницата за бои веднаш до кружниот тек.

Проблемот со незавршувањето на кружниот тек сега се врзува за неколку објекти кои треба да се урнат за да се прошири коловозот и да се направи пешачката патека. Како и претходниот градоначалник Коце Трајановски, во чиј мандат беше започнат да се гради овој кружен тек, така и сегашниот Петре Шилегов, не можат да постигнат договор за нивно обештетување. Шилегов во април годинава најави дека ќе се постигне договор и дека во текот на оваа градежна сезона ќе бидат завршени сите работи. Меѓутоа, пет месеци подоцна, на теренот нема ниту трага од продолжувањето на работите.

– Да им се даде на сегашниве градоначалници по уште два мандата. Може до тогаш ќе го завршат кружниот тек. Очигледно еден мандат им е малку, вели Нина која поминуваше пеш по недовршениот кружен тек.

Инаку, тамошен жител има разбирање за сопствениците на земјиштето кое треба да се обештети.

-Не може тие да се согласат да им се урне објектот, а да добијат малку пари за тоа. Сепак треба да им се даде правичен надомест. За тоа требаше да се размислува пред да се тргне во градбата. Вака, се бавно се прави. Нагоре кон Пинтија, еден потпорен ѕид девет месеци не може да го завршат, ни рече скопјанецот кој таму живее.

Инаку, кружниот тек, кој е дел од проектот за проширување на булевар Србија и поврзување на општините Аеродром и Кисела Вода, чини 1,5 милиони евра.

Понекогаш и шахтите се прелеваат
Како што ни соопштија нашите соговорници кои ги сретнавме кај кружниот тек, условите за граѓаните кои живеат во околината се влошени и заради фактот што од канализациските шахти почнале да се прелеваат фекалиите. Мрежата, како што велат, не може да го прими сето она што се пушта во неа од населбата Пинтија, па фекалии понекогаш течат и по улица. Сето тоа создава непријатна миризба за жителите кои мораат и да се движат по таквите улици, со што се создава опасност и од зарази.