Дали Антикорупциска ќе ја истражи до крај вистината за Матка?

Не се проблематични само платформите на Матка, туку целиот комплекс, порача претседателката на Антикорупциска комисија во изјава за една од телевизиите. Ова е нов момент, откако изминатиот период новинарите интензивно истражуваа во врска со нелегалната градба на платформите на заштитената природна околина на каноњот, за што, до последно, е уште нејасно кој дозволил диво да се гради и масакрира Матка.
Другата вистина антикорупционерите ја увиделе по средбата со градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, и сега, велат, ќе им требало повеќе време за да можат на скопјани да им објаснат што точно се случило. Комисијата не се сретнала со инспекторите туку само со Беџети, ама ја земале документацијата од нив за да анализираат.
-Од она што досега го разбравме не се работи само за изолиран случај со платформите туку проблемот е малку покомплексен заради што и нас ќе ни треба малку повеќе време за да ги испитаме сите наводи што постојат таму. Кога ќе бидеме сигурни ќе излеземе во јавноста, вели претседателката на Антикорупциска комисија, Билјана Јовановска.
Во меѓувреме Беџети е на два ума, ниту ќе легализира нови градби на Матка, ниту пак ќе ги руши. Прво велеше оти не ги видел дивоградбите, односно дека ги нема. Па, по само неколку дена, неговите јавни изјави стигнаа до таму што платформите веќе биле во процес на легализација. Беџети си стои на страна. Ама и инспекциските служби на државата и на градот. Сите си се прогласија за ненадлежни.
Последново било доволен сигнал за Антикорупциска да се активира. Но, дали таа ќе одговори на сите прашања, или, одеднаш ќе се прогласи за ненадлежна и ќе се скрие во заштитен кожуф како сите горенаведени?