Дали главниот плоштад намерно е запустен или градоначалниците не можат да постигнат?

Потрошени се милиони евра, а сега и евтини поправки или чистења не се прават

Главниот скопски плоштад е реалната слика за тоа како се одржува градот. Во него се вложени милиони евра – пари на скопјани, но плоштадот „Македонија“ ни од далеку не е она што треба да биде – гордост и убава слика на градот. Наместо уреден и убав простор, кога ќе се прошета по него ќе се види нехигиена, клупи и жардиниери кои се оштетени, расипани фонтани, исушени дрвја, искршени плочки па дури и дупки на места каде треба да може да се оди и со затворени очи. Па уште и кога ќе се видат наставаните картонски кутии на кои некој си продава петпарачки дреболии… Да не зборуваме за незавршените објекти и нивните тараби кои станаа амблем на плоштадот.

Нечистиот Вардар само ја надополнува сликата дека се наоѓате во некоја паланка, а не во главниот град на Македонија.

Сето тоа е поради негрижата: како од оние кои го посетуваат плоштадот, така и од оние кои треба да се грижат за него! Едно е јасно, ако нешто не се смени тој ќе стане место кое сите ќе почнат да го одбегнуваат иако би требало да претставува срцето на градот.

– Плоштадот како да го урнисуваат за инает. Многу од канделабрите се искршени. Цвеќињата што висеа на нив и доводот на вода до нив се уништени, бетонските цвеќарници се искршени и запоставени и ништо не се одржува. Фонтаните беа пломбирани и неисчистени. Состојбата на плоштадот е пример како не треба да работи било која градска или општинска власт, ни рече Звонко Димовски.

Само мала обиколка на плоштадот беше доволна да се потврдат впечатоците кои ги има овој наш сограѓанин кој често поминува по него. Пристапот на плоштадот од правецот на Триумфалната порта веќе е задушен. Граѓаните и туристите прво што гледаат се десетици паркирани коли, што службени, што таксисти, што приватни возила застанати „на пет минути“… покрај незавршената зграда на „Пелагонија“ полна со отпадоци. Кога ќе се стаса до плоштадот, до местото каде веќе потемнетите бели мермерни плочки се спојуваат со асфалтот кај старата стоковна куќа, може да се видат дупки во асфалтот кои со месеци на никој не му текнува да ги закрпи за да биде поуредено. На фасадата на поранешната стоковна куќа добар дел од рефлекторите се веќе испокршени и чекаат да бидат поправени, но залудно.

Десно, во правецот на Камениот мост има редица клупи, стебла и корпи за отпадоци. Од искуство знаеме дека корпите се празнат во предвидените термини, но таму е проблем што несовесните граѓани околу клупите и во корпите истураат најразлични пијалоци и слично. Сите тие валканици остануваат на белите, и скапо платени мермерни плочки кои сега се целосно потемнети од нечистотија. На скалите до Камениот мост, кои пред повеќе децении беа собирно место за млади скопјани, штиците кои што се распаѓаат само потсетуваат дека некогаш служеле за седење и муабети на сите генерации на скопјани. И ним добро би им дошло да се заменат што не е прескапа работа, но некој надлежен треба да го направи тоа. И тука просторот околу спомениците е извалкан, а најжално е „зеленилото“ на почетокот на мостот. Во двете жардињери, од левата и десната страна, долги десетина метри има само исушени треви наместо цвеќе кое би го украсувало почетокот на задолжителна рута на се побројните туристи.

-Јас секоја година доаѓам на по еден месец во Скопје оти веќе девет години не живеам активно во градот. Но, секоја година се враќам разочарана од она што ќе го видам. Прво од нехигиената на главниот градски плоштад. Не ми е јасно како не може да се исчисти, а толку е скапо платен белиот мермер. Се чини дека и тие што се задолжени за одржувањето треба некој да ги контролира, ни вели Весна Стоилова.

На средина од плоштадот, таму каде е подземната фонтана веќе е направена бара во која се собираат отпадоци. Надлежните ги извадија гранитните плочи, констатираа дека биле украдени механизми и сега… Поправката чека кој знае до кога. Просторот е ограден, а граѓаните кои поминуваат оттука само гледаат и се прашуваат како е можно да она што е скапо платено и што било исправно, сега да не работи. Извадените плочи, за чија набавка своевремено беа платени милион евра за прва реконструкција на плоштадот во 2003 година кога беше извадена препознатливата калдрма, сега се наредени до незавршениот споменик на Мајка Тереза. Таму има и јавен тоалет, има и несигурен трансформатор за струја, треви, столпчиња кои чекаат да дојдат на ред за „средување“.

Очекував нови плоштади, а тие и главниот не го одржуваат…

Кучињата скитници се главен фактор…

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО.