Дали има потреба од засилена контрола откако се виде што се случило во гостиварскиот автобус?

Откако се виде на кој начин се дозволило гостиварскиот автобус да вози патници, дали не е време да се вклучи алармот кај надлежните, за вонредни технички прегледи – особено на градските автобуси кои секојдневно превезуваат илјадници луѓе?
Од една од последните акции на полицијата во февруари, во која на вонреден технички преглед беа пратени 49 автобуси за да се види дали имаат неисправности со кочниците и уредот за управување, беа поштедени автобусите на ЈСП. Ова го соопшти самото претпријатие.
-Сите возила на ЈСП Скопје се во редовен сообраќај согласно утврдениот линиски превоз. Преглед е вршен на возилата на приватните превозници и исклучени од сообраќај се неколку нивни возила, се вели во соопштението од ЈСП Скопје.
Дали автобусите на ЈСП се беспрекорно исправни, и ако се, зошто се поштедени од проверка во која само ќе се утврдеше исправноста, не е јасно.
Сепак, не толку ретка слика на скопските улици е автобус на ЈСП – застанат на или во близина на автобуска станица, со отворен капак за проверка на моторот или подвозјето, а патниците се симнуваат и го празнат. Ова значи дека не се само приватните превозници со недостатоци.
Впрочем, токму оти некои автобуси биле поштедени од контроли, ни се случуваат несреќите. Затоа нека се мисли пред се за поголема безбедност на скопјани.