Дали на Ковачевски гарант за влез во ЕУ во 2030 година му е Маричиќ?

Мнозинството од граѓаните во Македонија со песимизам гледаат на тоа како во иднина ќе се развиваат работите. Оптимисти во овие тешки времиња обично се луѓе од власта и оние кои зависат од нив.

Силен оптимизам до сите песимисти вчера пренесе премиерот Димитар Ковачевски. Кажа дека до 2030 година ќе сме ги завршеле преговорите со ЕУ. 

– Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е цел која е достижна, рече Ковачевски.

А како дојде Ковачевски до оваа проценка? Дали главната гаранција за тоа е преговарачка структура предводена од вицепремиерот Бојан Маричиќ?

-Не брзај, имаме време за чекање, е само една од многуте реакции на граѓаните по објавената вест во „Скопско Ехо“ за најавата на Ковачевски.

Зошто граѓаните сетиот овој оптимизам на Ковачевски го земаат на мајтап?

Јавноста во изминативе години беше сведок на бројни лицитирања на државни функционери околу терминот во кој Македонија ќе стане членка на европското семејство. Во 2020-та година тогашниот премиер Зоран Заев изјавуваше дека целиот преговарачки процес може да се затвори за шест години, односно, во 2026-та година. Актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи во 2018 година велеше дека имаме шанса да станеме членка на ЕУ до 2025-та година. Функционер на СДСМ Фатмир Битиќи, пак, пред две години проценуваше дека ќе бидеме примени во ЕУ за 6 до 8 години… Проценки многу но за кои веќе сега е јасно дека не било добри и основани.

Оттаму, прашањето е: реална ли е основата на која Ковачевски проценува дека во 2030 година Македонија ќе влезе во ЕУ? Ги зема ли во предвид и надворешните фактори како што се пречките и блокадите од соседни земји?

Ги слушна ли Ковачевски укажувањата на германскиот канцелар Олаф Шолц кој деновиве изјави дека во ЕУ се потребни сеопфатни реформи за да биде подготвена за прием на нови членови?

Ги слуша ли премиерот и силните забелешки на ЕУ за корупцијата во Македонија?

Знае ли Ковачевски колку години веќе преговараат Црна Гора и Србија и се уште се на почетокот?

Убаво е човек да е оптимист, ама само ако тоа се базира на реалност, во спротивно тој станува предмет на подбивање од граѓаните.

Претходна вестСе одложи судењето за пожарот во тетовската модуларна болница, поранешниот директор Бесими не чувствува вина
Следна вестЗошто Владата нема сериозен дијалог со матичните лекари?