Дали политичкото помирување ветено од Пендаровски заврши пред и да започне или треба уште да го чекаме?

Пораката за помирување која веднаш по своето стапување на должност ја испрати новиот претседател на државата Стево Пендаровски беше ударната вест од овој настан. „Време е да ги залечиме отворените рани и реално да го започнеме граѓанското помирување, зашто немаме резервна татковина“, потенцира тој. Ова доаѓа по период на големи конфронтации во македонското општество особено по смената на името на државата, непочитување на резултатите од референдум, уставните промени… Заради тоа, пораката на новиот шеф на државата беше и очекувана од претседател кој треба да ги претставува сите граѓани и да и мисли добро на цела Македонија.

Но, по повеќе од три недели од неговото стапување на функција, може ли да се каже дека тој прави конкретни чекори во правец на помирување на граѓаните?

– Прво што направи е експресното потпишување на повеќе од дваесетина закони кои неговиот претходник Иванов одбиваше да ги потпише за што имаше подршка од многу народ, и плус го пополни кабинетот само со луѓе блиски на власта или од власта. Тоа ли се први потези на човек кој најавува помирување, децидна е скопјанката Славица Е.

Дилема е, дали новиот претседател можеше да ги согледа и забелешките кои во однос на овие закони ги давала опозицијата во текот на собраниската расправа. По тоа би можел да иницира, евентуално, ново преиспитување на некои од законите во кои би биле вградени макар и дел од барањата на оној дел од граѓаните кои ја поддржуваат опозицијата.

Истовремено, Пендаровски во кабинетот го посетија секакви дипломати, ама во јавноста досега не беше официјално соопштено дали тој го покани на средба лидерот на опозицијата. Да тој најави дека има намера да се сретне со Мицковски, ама во меѓувреме во неговиот нов кабинет уште со лепачите на плакати од неговиот табор се нема сретнато.

На слична линија е и изборот на соработниците во новиот кабинет за кои шефот на државата и порано најавуваше дека ќе биде составен од различни профили на соработници. Така, изборот на новите соработници падна на петнаесетина соработници во кои не може да се препознаат имињата кои размислуваат различно од власта. Односно, пак отсуствува можноста шефот на државата преку такви соработници во кабинетот, кои застапуваат и поинакви мислења од владината коалиција, да слушне што мисли опозицијата и оној голем дел од граѓаните во Македонија кои не гласаа за него. Или, можеби шефот на државата сметал дека со задржувањето на работа на досегашните вработени во кабинетот на Ѓорге Иванов го поттикнува помирувањето?

Во секој случај, можноста за конкретни потези во насока на помирување како да не се икористи во првите недели од мандатот..

-На ваков начин, со вакви потези, се зголемува поделбата меѓу граѓаните, ни рече Славиша Анѓелковски.

И Горанчо Митевски е на иста линија:

-Нема да има никакво помирување туку се повеќе разединување, потенцира тој.

Скопјанецот Марко Илиевски, пак, смета дека претседателот мора да биде поактивен во тој поглед.

-Таа активност требаше да му биде прва. Но Пендаровски како да подзаборави на помирувањето. Навистина постои голема потреба да се намалат тензиите во општеството. Новиот претседател треба да ги застапува интересите на сите граѓани, а не само оние кои го избрале, потенцира тој.

Чести се ваквите пораки, но без ефекти
Намерата да иницира помирување е честа пракса на македонски премиери и претседатели по стапувањето на функција. По правило, таквите пораки се упатуваат веднаш и со големо потенцирање во јавноста. Меѓутоа, ретко која порака досега се остварила како намера – што заради неприфаќањето од „другата страна“, што заради недоволната посветеност на испраќачот.