Дебар го спасивте – БРАВО! На Скопје – капитулиравте

Колумна на Никола Тасев:
Македонија до денес беше последната држава во Европа со херметички затворени граници. Македонија е европски шампион по бројките за новозаразени лица од Ковид-19, но и со најголем процент на смртност во регионот. И, сето тоа во услови кога нашите надлежни органи се лидери во регионот по успешност, како што, впрочем, сами се промовираат. А замислете каде ќе бевме, да не беа лидери..?
А почнаа добро: покажаа смиреност, сигурност, добро менаџирање и навремени потези. Ја стишаа пандемијата во почетна фаза, но со тек на време некако им се отргна од контрола. Станаа попустливи, неодлучни, и ако сакате, неспособни да продолжат, како што почнаа. Па оттука, целата борба со Короната ми наликува на некоја фудбалска „утакмица“ која што македонски тим би ја играл против некоја германска екипа.
Поведоа со 1:0 уште на почетокот, иако првото полувреме воопшто и не се играше на „Градски“, туку во Дебар. И забија на Короната гол уште во првите 10 минути. Дебар со навремените мерки, со тоталниот карантин – беше спасен. Се држеа добро во првото полувреме, имаа шанси за уште некој гол. Короната опасно напаѓаше, но полетноста на нашите играчи не дозволи голот да биде начнат. И наместо да направат стратегија за второто полувреме, тие славеа во соблекувалната, се опија од првичниот успех. Заборавија дека натпреварот не завршува тука.
Само што почна вториот дел, нашите уште несвесни дека натпреварот продолжил, примија 3 гола, уште во првата минута. Првиот гол го примија со лошата пиарџиската логика: што помалку тестирања – помалку заболени. Почнаа луѓе да им умираат пред клиники и по дома, заради тоа што не биле доволно сомнителни за тест. Вториот гол го примија во Куманово. Локалната власт очајно молеше за конкретни мерки во овој град, нашите се правеа глуви. Играа на слепо!
Откако збувна епидемијата и се рашири низ цела држава, одлучија да реагираат. Доцна! Веќе 2:1 за Короната!
Третиот гол им го бапнаа заради голема несигурност на одбраната и нејасната стратегија: ќе се гради колективен имунитет или ќе не окупираат со полициски час. Де малку ќе не затворат, па ќе не подотворат, па пак ќе не затворат. Им се случија пропустите со споените викенди. Им скрши од глава попустливоста кон верските заедници. А Короната си продолжуваше да гази со сите сили. Нашите се однесуваа како натпреварот веќе да завршил и се задоволија со пораз од 3:1, тешејќи се со тоа дека другите загубиле со повисок резултат и дека овој мал пораз е всушност голема победа на нашето здравство, нашиот систем и нашите одбрани борци против Короната.
Но Короната не мислеше така! Во неколку минути заби 30 гола. По 10 за секоја од трите економски мерки на Владата. Бизнис заедницата, синдикатите, работниците… сите беа незадоволни од нејасните мерки, тешко применливи и речиси недостапни за повеќето.
Се играше само 10 минути од второто полувреме, а Короната веќе водеше со
33:1. Сега и главниот центрафор Филипче, кој дотогаш и некако се обидуваше да ги врати во игра соиграчите, се изгуби во сивилото на целиот тим.
Публиката која дотогаш даваше широка поддршка со ракоплескање и навивање
(додуша многу од нив тоа го правеа и диригирано), почна да негодува, да
свири, да вика. Наместо, да се соземат и да се обидат да го ублажат поразот, нашите почнаа да ја обвинуваат публиката за сопствената неспособност.
Короната не застануваше, почна со втор бран напади. Главниот центрафор убедуваше дека вториот бран ќе заврши брзо, но не беше така. Страшни бројки на новозаразни, луѓе умираа… Примаа по 2-3 гола на секој напад на Короната. Гол со пета, меѓу нозе, меѓу уши… Почеток на 80-сетата минута веќе Короната водеше со 75:1. Нашите играчи тотално немоќни, спасот го бараа во нови избори, веќе натпреварот не им беше интересен. Короната го искористи тоа и заби уште 25 гола за кратко време. Резултатот веќе гласеше 100:1. Публиката го напушта стадионот со пцуење. Натпреварот се уште трае.
Сигурно ќе има и трето полувреме. Ќе лапнат нашите уште 100 парчиња, ако нешто не се промени: во стратегијата или во играчите или во тренерот!
Претходна вестШилегов ја најави „Лајка“, ќе запрат ли каснувањата на скопјани од кучиња –скитници
Следна вестДве години од Преспанскиот договор: што добивме?