Дебатните емисии честопати влеваат страв и несигурност

Препорака од новинарката во Македонската телевизија Ружица Ѓоршевска Аџи-Kотарева е да се внимава на што му се посветува вниманието на малите екрани…

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?

-Не само на скопјани туку на сите граѓани на нашата земја им порачувам-гледајте и слушајте музика бидејќи музиката магично ги обновува сетилата. Одвојте време за едукативни емисии за природата, науката, гастрономијата, уживајте во документарци за историјата, големи цивилизациски достигнувања, емисии за убавината на религијата, за космосот. Во своето мемориско кофчеџе складирајте уште некоја вредна мисла проткаена во убав филм. Гледајте патеписни репортажи, навивајте за спорт, уживајте во креативна серија. Исполнете часови уживајќи во уметноста на нашиот македонски филм или пак TВ драма од која ќе извлечете мудра порака. Децата да гледаат повеќе македонски, креативни и едукативни емисии со образовна и воспитна насока. Негувајте ја мислата бидејќи со секој нов ден, со информација плус, стануваме и посреќни и посилни!

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат ТВ каналот?

-Помалку да се гледаат дебатни емисии со длабоки политички основи. Честопати влеваат страв, паника и несигурност кај дел од граѓаните. Да избегнуваат хипнотизирачки, сапунски серии со ниска уметничка вредност кои што одземаат драгоцено време на гледачот, а користа од нивното следење е минимална. Да се смени каналот на разни ријалити шоуа во кои примордијалното однесување кај некои учесници се тотемизира и пред младата гледачка популација се пласираат антихерои кои промовираат извитоперени вредности.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

– Можеби не ми се допаѓа помалку агресивната централизација која што Скопје го претвора во единствен жив град, а имаме прекрасни градови со длабока култура и традиција, а се помалку или повеќе маргинализирани и економски, инфраструктурно, новинарски, демогравски, културно, па и медиумски подзаборавени. Скопје во медиумите треба да биде позастапен од културен, уметнички аспект, од аспект на урбано живеење. Да се дава поголем медиумски простор за промоции на книги, музички албуми на култни македонски групи, успешни ликовни уметници, за големи спортски достигнувања, начин на нечие живеење, човекови успеси, иновации,.. Додека не се смени матрицата со која се перципираат работите во денешниот медиумски етер, вистински душата на еден град никогаш нема да биде претставена и секогаш ќе имаме чувство дека живееме во еден постапокалиптичен простор каде се двои мал простор за убави работи. Но, мора да се дава простор и за презентација на другите наши градови. Да ја утврдиме убавината, шармот и нивната вредност. Да се потсетиме на корените на нашите дедовци и прадедовци, за нивниот начин на живеење, создавање и творење. Да се потсетиме на вредноста на нашето постоење!

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Едукативна емисија со религиозна, културолошка и етичка основа како храна за душата, како и емисија за значењето и силата на македонскиот литературен јазик како корен на нашето постоење.