Дедо Мраз одамна си ојде, а Шилегов со посериозна работа никако да дојде

Што годинава скопјани бараат од градоначалникот?

Скопје веќе четврта недела живее во Новата 2020 година, но опуштеноста како да продолжува. Украсните сијалички по улиците си трепкаат, а ги нема жолтите светла на булдожерите да трештат и опоменуваат дека се работи на теренот. Колку време и треба на градската и општинските администрации и претпријатија да почнат посериозно да работат? Тешките проблеми на градот кои се пренесени од ланската и претходните години како да не ги мобилизираат градските власти уште од почеток на годината да се ангажираат и да почнат да ги решаваат. Да не можеби ние во редакцијата грешиме? Да не е доволно што за овие 20 дена ете има иницијатива од градоначалникот Петре Шилегов оваа година да се прогласи за година на писателот Славко Јаневски? Додуша имаше и потпишување на Париската декларација, информации за учинокот на „пајак-службата“, оглас за стипендирање на талентирани спортисти и вест дека во Маџари се прави велосипедската патека од цели 870 метри, се смени директор на „Дрисла“…

-Градската управа како да е најнадарена за празнување. Го украсија градот на прескап начин и сега мислат дека до март не треба ништо покрупно да прават. Може и тие заедно со градоначалникот имаат распуст, ама поголем од учениците, ни прокоментира аеродромката Стефанија.

Кон крајот на минатата година, скопјани, преку страниците на „Скопско ехо“ ги потсетија градските власти на работи кои мораше, но не му се случија на градот. Беше потенцирано дека немаше битка против загадувањето, немаше ревизија на ДУП-ови, немаше решение за хигиената и кучиња-скитници, па се до тоа дека немаше реализирање на нови, а важни проекти за Скопје.

 -Шилегов и другите градоначалници треба да почнат да работат конкретно. Многу работи се незавршени и има многу проблеми во градот. Но, како што гледам до сега тој речиси ништо не стори. Заради тоа јас и не очекувам ништо од него. А ние граѓаните очекуваме да се решат најболните проблеми во градот и за тоа е крајно време, потенцира Спасе Димитровски.

Анкетиравме повеќемина скопјани деновиве околу тоа што би сакале годинава да биде завршено во градот. Нашите соговорници имаат различни приоритети и идеи, но заедничко им е тоа што сакаат прво да се решава најтешкиот градски проблеми – загадувањето. Скопје последните денови постојано е во врвот на најзагадените градови на светот, не работат мерни инструменти…

-Отровен воздух, црни чадови, депонии, смрдеа, кучиња… сивило е насекаде околу нас. Го прашувам градоначалникот Шилегов дали му е убаво да живее во вакво сивило? Дали ќе оставиме депонија на младите. Она што сакам да му порачам на градоначалникот е дека комунални и општински инспектори не си ја вршат работата, дека треба да направи добра организација на комунална хигиена и со која секој ден во утринските часови ќе се собира сметот насекаде, да се мијат контејнерите, улиците, да има прифатлива цена за оставање на смет на депонии, да се набави Кула за прочистување на воздухот, предлага скопјанката Љубица Стојковска – Перковска…

Кои задачи треба да се приоритет во 2020 година според анкетираните скопјани:

оСериозна борба против загадувањето

оРевизија на ДУП-ови

оРешавање на проблемот со кучињата – скитници

оНови сообраќајници

оПодобра хигиена

оРешавање на јавниот градски превоз

оЗазеленување

оОбнова на Универзална сала

оМала и ефикасна администрација

оПобезбеден сообраќај

 Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО