Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштила манифестацијата на Мечкин Камен

Делегацијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го напуштила чествувањето за Илинден на Мечкин Камен без да го проследи обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски. Како што изјави потпретседателот на партијата Александар Николоски, тоа било поради партиското и политичкото дејствување на владејачката СДСМ.

-Ние сме тука, но за жал СДСМ не успеа да се надмине себе, донесоа тука исклучиво партиски активисти. Ги носат со автобуси и на сите кои што не се членови на СДСМ вклучително и на бројни членови на ВМРО-ДПМНЕ им е забрането да пристапат тука, за што бевме информирани пред почетокот на оваа манифестација. Всушност, и на одредени луѓе кои што беа дел од оваа наша делегација им е забрането да пристапат тука, не знам од што се плашат, веројатно се плашат од народот. Дури и со партиски активисти не успеаја да го наполнат Мечкин Камен, затоа што Мечкин Камен може да се наполни само и исклучиво со македонски народ кој доаѓа со чесна мисла, а не под политичка наредба, изјави Николоски.

Тој истакна дека на ваков начин се рушат идеалите на сите тие кои ги дале своите животи за независна и обединета Македонија.

-Се рушат идеалите на генерации кои што сонуваа за македонска држава, со македонски јазик како официјален јазик на истата, со македонска култура, со македонска традиција и историја, со македонски корени кои што датираат векови и векови наназад. Но, оттука, од Крушево сакам да порачам дека Македонија и македонскиот народ се многу посилни. И никакви договори, никакви попуштања нема на ниеден начин да ја променат самобитноста на македонската национална борба, додаде Николоски.

Николоски им одговори на новинарите кои го прашаа што им било објаснето на граѓаните на кои им било забрането да дојдат на прославата.

-Ги немало во протоколарната листа. Јас лично бев да интервенирам кај неколку, го повикав и владиниот протокол, ги немало во протоколарната листа, очигледно само членовите на СДСМ ги има во протоколарната листа и затоа ние сега ќе си заминеме, рече тој.

Прашан за колку граѓани станува збор, Николоски одговори „За илјадници“!

Претходна вестМашки труп во распаѓање пронајден кај Тиквешкото езеро
Следна вестСончево со локална облачност