Денеска нов протест за скандалот на Онкологија: „Убивате за профит“, „Правда за жртвите“…

Пред Владата повторно ќе се одржи протест за огромниот скандал на Клиниката за Онкологија. Организаторите преку социјалните мрежи протестирањето го најавуваат за во 18 часот. Протестот ќе продолжи и пред зградата на Министерството за здравство каде организаторите велат дека ќе побараат одговорност за сите инволвирани во скандалот со Онкологија.

Во досегашните протести многуте насобрани гражани искажаа згрозеност и револт од информациите кои излегоа во јавноста дека на болните од канцер не им се давала потребната терапија туку истата се препродавала на други пациенти. На многуте транспаренти граѓаните пишуваа: „Убивате за профит“. „Правда за жртвите“, „За болни физиолошки раствор, за криминалци – амнестија“, „Душите нивни ве демнат“…

На денешниот протест ќе се побара и обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од Министерството за здравство како што се претходните министри кои „влијаеле за заташкување на случаевите“.

-Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку ние тоа не го дозволиме. Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата, велат организаторите на социјалните мрежи.

Инаку, нивните барања се: Истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев; Проширување на истрагата на работата на Детска онкологија; Целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија; Правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија; Обелоденување на инфорамциите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово; Одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола.

Претходна вестНаезда на креветни стеници во Париз
Следна вестБрзата помош во Тетово стасува да растовара и столчиња за казино!?