Денеска нова пресуда за случајот „Монструм“

Нова пресуда се очекува денеска да биде изречена во случајот „Монструм“ во кој му се суди на петмина обвинети за монструозното петкратно убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. Обвинителството побара доживотен затвор за тројца обвинети за тероризам, максимални казни за двајца обвинети за помагање и ослободителна пресуда за еден обвинет за кого не се пронајдени докази. Одбраната, пак, смета дека надлежните не ги пронашле вистинските сторители и побара ослободителни пресуда.

Ова ќе биде втора пресуда изречена за „Монструм“ од Основниот кривичен суд во Скопје. Во првиот процес, сите се гонеа за тероризам и добија доживотни затворски казни. Меѓутоа, кога предметот стигна пред Врховниот суд, тогашната в.д. републичка обвинителка се согласи жалбите на обвинетите да се усвојат и случајот да се врати на повторно одлучување за утврдување на фактичката состојба. Во декември 2017 таква одлука донесе и Врховниот суд.

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам и за нив обвинителството побара доживотен затвор. Од нив, првите двајца се во бегство во Косово и со години косовските власти не ги екстрадираат. Хаки и Фејзи Азири се гонат за помагање во тероризмот, а за нив се побараа максимални затворски казни – од 9 до 10 години за едниот и 15 години затвор за другиот. Петтиот, Сами Љута, пак, се очекува да добие ослободителна пресуда откако неа ја побара и обвинителството поради немање на докази за вмешаност во настанот.

Претходна вестРусковска уште во саботата го предупредила министерот Спасовски дека е можно бегство на Мијалков
Следна вестПавле Трајанов: Системот не функционира, Владата е загрозена, вината е кај Заев