Денеска средните училишта ќе ги објават примените ученици, ќе има ли квалификациони испити?

Скопските средни училиште денеска по 15 часот треба да ги објават ранг-листите на примените ученици по првото уписно пријавување кое започна на 17 јуни. Освен ова, ќе биде соопштено и во кои се училишта ќе мора да се спроведат квалификациони испити заради тоа што се пријавил поголем број на ученици отколку што беше предвидено со конкурост.

Јавните средни училишта во кои се пријавени поголем број ученици со ист број поени од предвидениот во Конкурсот ќе организираат квалификациско тестирање на 22 јуни со почеток во 10 часот.

Учениците кои се пријавиле за гимназиско образование (за сите подрачја) ќе бидат тестирани по наставниот предмет математика и по македонски, албански, турски, односно српски јазик, зависно од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование.

За учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили), пак, ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште.

Како што вчера соопшти МОН, конечните ранг-листи со резултатите од квалификациското тестирање ќе бидат објавени истиот ден, 22 јуни 2020.

Неофицијално се дознава дека во неколку скопски средnи училишта имало повеќе пријавени кандидати отколку места за запишување.

По објавување на ранг-листите, учениците кои не се запишани во училиштето ќе треба да ја подигнат целокупната доставена документација во рок од 48 часа. Училиштата имаат обврска да им ја вратат документација на учениците во истиот рок – 48 часа.

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни. Третото пријавување и запишување ќе се врши на 29 јуни, а резултатите и слободните места ќе се објават наредниот ден – на 30 јуни.

Претходна вестДенеска сончево и топло, од неделата пак нестабилно
Следна вестВелосипедист тешко повреден во скопско Батинци