Од денеска треба да профункционираат интернет страниците на кои граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против корона вирусот. Двете интернет страници од изутрина се уште не работеа туку само покажуваа ознака „Наскоро…“
-Секој сам ќе може да се пријави, а системот ќе биде тој кој ќе генерира кои се приоритетни, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“. Утврдено е како ќе се спроведува процесот на вакцинација против Ковид-19. Капацитетот за вакцинирање изнесува по 880 лица дневно во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.
– Засега се пријавени четири илјади работници, од коишто околу две илјади се во Скопје, останатите се во другите градови. Таму вакцинацијата ќе се спроведува во пунктови по примерот на вакцинацијата за сезонски грип, така што еве сега во првиот момент кога вакцините ќе стигнат може и практично да започне процесот на вакцинација, нагласи Филипче.
Во согласност со капацитетот на здравствениот кадар, во некои поликлиники и здравствени домови ќе има по повеќе вакцинални пунктови кои ќе работат во две смени за да може да се имунизираат поголем број граѓани.
Директор на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски вчера посочи дека направиле план во соработка со Министерството, со Комисијата и со Комитетот за имунизација.
– Во трите поголеми поликлиники „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Чаир“ работното време ќе биде од 8 до 20 часот. Во останатите четири клиники ќе работат во попладневните часови со боксови, со капацитетите коишто располагаме и мислам дека 22 позиции се доволни во овој момент да опфатиме се, додаде Исјановски.
Од посоченото се гледа дека има план и подготовка за вакцинирањето. Само остана да се дознае кога вакцините конечно ќе пристигнат. Земјите во регионот се вакцинираат веќе два месеци.