Депонија „Дрисла“ доби нов концесионер – конзорцијум „Шолц“

Конзорцијум „Шолц“ е нов концесионер со градската депонија „Дрисла“ откако Советот на Град Скопје со мнозинство гласови донесе ваква одлука. Конзорцијумот е предводен од германската фирма „Шолц“, „Ц.И.О.С.“ од Хрватска и „Сплендор Мак“ од Македонија. До изборот на нов концесионер доаѓа по судската пресуда на Вишиот управен суд кој побарал да се изврши повторно бодување на понудите од тендерот од 2011 година. Со тоа, изборот падна на овој конзорциум и со што практично се прекина концесијата на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ која веќе осум години управуваше со депонијата. Таа досега не ги исполни главните обврски кои беа предвидени во концесискиот договор – нова постројка за согорување на индустриски и за медицински отпад, за селекција на отпадот, да набават нова механизација и опрема, да произведуваат струја од ѓубрето, но и да изградат нов административен објект.
Советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека се против ваквата одлука, односно дека ниту една од фирмите не треба да ја добие концесијата и гласаа воздржано, а само еден глас имаше против.