Детска клиника: Доброволното враќање од страна на ексдиректорката Софијанова не ја ослободува од одговорноста пред законот

Во врска со објавените информации за работењето на ексдиректорите на Универзитетската клиника за детски болести, медицински директор, проф. Аспазија Софијанова, и в.д. организацискиот директор Мемеди Аљадин, ја известуваме јавноста дека во тек е вонредна ревизија на досегашното работењето во разни домени, меѓу кои и исплата на плати и надоместоци на плата, дежурства и надоместоци за прекувремена работа, соопштија денеска од Клиниката за детски болести.

Во соопштението се наведува дека по завршување на предметните ревизии и соодветните постапки, Универзитетската клиника за детски болести во целост ќе ги побара неосновано исплатените средства утврдени од страна на надлежните институции.

-Воедно, ја информираме јавност дека доброволното враќање од страна на ексдиректорката на Клиниката, проф. Аспазија Софијанова, на неосновано стекнатите надоместоци на име дежурства не ја ослободува од одговорноста пред законот и надлежните институции, велат од Клиниката.

Од таму порачуваат дека „поради необезбедената согласност за организација на работа во дежурства за 2021 и 2022 година од страна на претходното раководство, сегашниот менаџмент не беше во можност да им изврши исплата за октомври 2022 година на вработените. Исплата на дежурства за вработените за октомври ќе се изврши веднаш по добивање на потребната согласност“.

-Исто така, сакаме да посочиме дека платите на вработените не се намалени, велат од Детската клиника.

Претходна вестВиктор Димовски: За случајот Онишченко лоцирана е одговорност кај поединец припадник на АНБ
Следна вестКривична пријава за државен функционер: Си ја ангажирал невенчаната сопруга, со неа одел на службени патувања…