Џабе катни гаражи во Клинички ако не може да се дојде до нив

Да најдеш место за паркинг во клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ е потешко отколку да добиеш на лото. И конечно министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека сообраќајниот метеж во кругот ќе почне да се растоварува со изградба на три катни гаражи. Добро, но ќе видиме дали че се реализира најават.
Сепак за да бидат уредно паркирани бројните возила на вработените и на пациентите во новите гаражи ќе треба прво непречено да стасаат до нив. Тоа, со сегашниот режим на влегувањето во клиничкиот круг е тешко остварливо. Оттаму, за катните гаражи да ја добијат полната функција потребно е и да се реши тој голем проблем. Уште пред шест месеци надлежните од Министерството за здравство, полицијата, градските и општинските служби одржаа состанок на кој се кажаа многу идеи како треба да се олесни сообраќајниот метеж во и околу Клинички. За да се реши ова се слушнаа бројни идеи: да се отвори нов влез кај Стоматолошка клиника, да се отвори уличка кај поранешниот студентски дом „Медицинар“, да се прошири влезот кај Детската клиника, улиците „Герман“ и „50-та дивизија“ да станат двонасочни, на внатрешните улички да се постават столпчиња за да нема паркирање и да можат да се движат колички со пациенти и за инвалиди, да се искорнат пенушките од тротоарите за да можат да се движат пешаците…. Сето ова треба и да се направи паралелно со новите гаражи ако се сака вистинско олеснување за граѓаните.