Дилема во Советот на Скопје: Дали и прлето од 15 килограми е домашен миленик?

Мнозинство советници во Советот на Град Скопје денеска не ја прифатија иницијативата со која домашните миленици би можеле да се возат во автобусите од јавниот градски превоз. Иницијативата ја поднесе Зелен хуман град, а со неа превозот би се дозволил за милениците во транспортер кои не се потешки од 15 килограми. За иницијативата гласаа само 8 советници што беше премалку за усвојување.

Советниците коишто се спротивставуваа на предлогот изјавуваа дека ова не го дозволуваат капацитетите и гужвите во автобусите. Но, Страшо Ангеловски, советник од ВМРО-ДПМНЕ и колаицијата, посочи дека стравува дека во обидот да не се врши дискриминација на луѓето кои со милениците не можат да користат јавен превоз, ќе се создаде нова дискриминација меѓу самите сопственици на миленици, затоа што во автобус ќе можат да се превезуваат само мали животни, а не и големи кучиња.

– Кој е тој што ќе определи што е домашен миленик? Во продавниците се продаваат змии, гуштери, папагали, се и сешто, не се само мачиња и кучиња домашни миленици. Имам пријател кој чува прле и за него тоа е домашен миленик, не е потешко од 15 килограми, па тој прашува ќе може ли со магаренцето во автобус? За да не влегуваме во дискриминација на самата група предлагам поширока јавна расправа и на сите луѓе треба да им најдеме начин да користат јавен превоз – рече Ангеловски.

Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ му реплицираше дека магаре не се чува во стан, па оттаму не е домашен миленик.

-Во одлуката стои дека миленикот треба да е во транспортер тоа значи дека не може да биде потежок од 15 килограми. Треба да почнеме од некаде па потоа ќе зборуваме и за поголеми кучиња. Градот вчера распиша оглас за приватните превозници пак да се вклучат во јавниот превоз со што проблемот би се решил, рече Велковска.

 

Претходна вестКинескиот министер за надворешни работи: „Невидлива рака“ не дозволува мир во Украина
Следна вестУапсена скопјанка барана со потерница