Ние сме за поголеми права, поголеми плати, поголеми пензии, подобар стандард на граѓаните. Ние тоа ќе го реализираме. Тешко ќе биде, но ќе успееме. Македонецот ќе биде и граѓанин од прв ред и свој на своето, зашто Македонија ќе биде самоодржлива држава со силна економија, изјави синоќа претседателскиот кандидат Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Велес.
Тој исто така рече дека од сегашната опозиција, а довчерашна власт, даваат некакви понуди за национална стратегија, што, како што потсети, е идеја на ЗНАМ. Димитриевски потенцира дека први ја предложиле таа идеја и рекле дека нема да коалицираат, ниту ќе разговараат со некој за идна коалиција без претходно да бидат потпишани и дефинирани црвените линии за Македонија.
-При тоа сакам од тука, од Велес да упатам една порака, бидејќи рековме дека со ова актуелно раководство на СДСМ, коешто многу се огреши и кон народот и кон Македонија, нема теоретска шанса да разговараме за идна коалиција. Но, сакам да испратам порака и до оние кои беа власт претходно. Дека пред да седнат со нас на маса ќе треба да расчистат со основниот проблем кај нив и сето она што значи заостанати коруптивни дела од претходната власт, бидејќи немаме намера да менуваме едни за други исти, рече Димитриевски.
Му порача на Мицкоски да внимава што, како и на кој начин ги презентира своите и тие околу него, но да внимава и какви понуди дава, бидејќи за нив од ЗНАМ зборот е збор и си тежи.
Димитриевски рече дека идна влада без ЗНАМ нема да има, но, дека се подготвени да бидат и опозиција.