Димитров и Османи да се јават на Макрон, да му објаснат за бетонираниот идентитет

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повторно го употреби терминот „Северномакедонци“, што е неприфатливo и навредливо за обраќањето кон нашата држава и кон македонските граѓани. Повторна употреба на овој навредлив термин се случува само ден подоцна откако Макрон, по завршувањето на вчерашниот Самит ЕУ – Западне Балкан, употребил термин „Северномакедонци“.

Денеска Макрон го поздрави гласањето во бугарскиот парламент со што, како што рече, „се отвора пат за укинување на ветото и отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија“.

-Ова е многу добар сигнал, сакам да му честитам на бугарскиот премиер и на опозициските сили кои се здружија околу ова гласање, но и да им се заблагодарам на ‘Северномакедонците’ за нивниот напредок, рече францускиот претседател, кој додаде дека „има уште работа”, ги пренесува МИА изјавите на Макрон.

Денеска македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи изјави дека е контактирано со француската амбасада во врска со користењето на неприфатливиот термин „Северномакедонци“ и рече дека „Макрон апсолутно направил ненамерна грешка“.

-Искомунициравме со Амбасадата на Франција, а исто така реагиравме во комуникација со француската делегација, а премиерот имаше комуникација со Макрон. Нема дилеми дека Макрон направи ненамерна грешка, вели Османи.

Зошто францускиот претседател и по укажувањата од македонската страна пак го користи истиот термин не е јасно. Заборавил, пак е грешка или…? 

Не е јасно и дали по оваа повторна употреба на потценувачкото „Северномакедонци“ ќе реагира македонската Влада и дали проблемот ќе биде издигнат на повисоко ниво?

Употребата на навредливиот термин „Северномакедонци“ се појави спорадично по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и промената на името на нашата држава. На таквата опасност предупредуваше јавноста, но тогашниот премиер Зоран Заев се оглушуваше на опомените и уверуваше дека идентитетот ни е забетониран.

Тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров пак изјавуваше дека тие како министерство ќе реагираат на секое непочитување и дека нема опасност да се наметне таква навредлива терминологија.

Епа сега, останува и Димитров да се јави во Париз. Тој не е веќе министер, но сигурно има таму пријатели кои го тапшаа по рамо додека го потпишуваше сменувањето на името на држава. А секако, треба да се јави и Османи.

Макрон е голем претседател, треба да му се помогне да не прави ненамерни грешки.

 

Претходна вестНабавил дрога па му ја дал на својот брат да ја конзумира
Следна вестСончево и топло, попладне нестабилно со дожд и грмежи