Димовски ќе објаснува зошто АНБ дала позитивно мислење за државјанство на Онишченко

Објаснување зошто Агенција за национална безбедност дала позитивно мислење контроверзниот Украинец Александр Онишченко да добије макеоднско државјанство денеска се очекува да даде директорот Виктор Димовски. Тој треба да учествува во работата на Собраниската комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР). Во средата седницата на оваа Комисија беше прекината, откако претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов, информира дека добил известување од директорот на АНБ Димовски дека поради работни обврски во Брисел нема да може да присуствува.

– Причината за оваа седница е бидејќи во изминатиов период се соочуваме со непријатности поврзани со нашата работа. Собранието покрај законодавна, има и надзорна улога. Имаме случај во кој човек кој е на црната листа на САД, Република Македонија му дала државјанство, рече во средата Пренџов.

Пренџов претходно најави дека директорот на АНБ Виктор Димовски ќе треба да објасни како службеници на Агенцијата го пропуштиле низ безбедносниот филтер Онишченко, кој е обвинет за корупциски зделки во Украина и ставен на американската „црна листа”.

– Тој е најповикан да одговори. Лично сум многу загрижен во врска со издавањето на македонски државјанства и на македонски пасоши веќе имам чувство дека секој втор криминалец има во џебот македонски пасош и според мене сметам дека тоа е сериозен предизвик и аномалија во безбедносниот сектор во државата, рече Пренџов.

Украинскиот државјанин Онишченко,  кој во Украина е осомничен за перење пари и трговија со луѓе, станал македонски државјанин како спортист во еквестријан по предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

Претходна вестОблачно со повремен дожд и умерен ветер
Следна вестПендаровски: За случајот Онишченко мора да се истера одговорност во АНБ