Дипломски труд: направен е прв македонски филмски мјузикл со врвни актери

“Црно – бело“ е насловот на првиот македонски филмски мјузикл во режија на Сандра Ѓоргиева, а овој филм е нејзиниот дипломски труд. Ќе биде премиерно прикажан пред публика на отворена проекција во киното Фросина на 18 јуни, во 20 часот.
Филмот ја следи приказната на Јована, која ја игра познатата актерка Јелена Јованова. Јована е млада жена вработена во туристичка агенција. Таа е вредна работничка и ги исполнува барањата на сите, со цел да биде прифатена и признаена од соработниците. Но, и покрај својата посветеност и напорна работа, таа е непочитувана и нецената од нив. Со нив таа води имагинарна војна преку музика и танц. Музиката која е специјално продуцирана за овој филм ја следи приказната на Јована.
Освен Јованова, во филмот играат и Јордан Симонов, Жаклина Петровска, Жарко Димовски, Дејан Лилиќ, Миа Трпезановска, Анџелина Симоновиќ,
Благојчо Стојанов, Наталија Теодосиева, Ангела Стојановска, Марко Илиќ, Дритон Вејсели, Стефан Петровски, Ангела Димитрова, Христијан Поп-Симонов, Васко Костовски, Кујтиме Ахмети, Дритон Незири, Никола Колев и децата од драмското студио на „5+“.