Директори на училишта, зошто јавно не и кажете на министерката дека немате таблети за секое дете?

Откако министерката за образование Мила Царовска пред два дена им порача на родителите на четвртодделенците, каде што се имплементира како пробен проект дигитализацијата, дека ако немаат таблети треба да си бараат од училиштата – ниеден директор на воспитно – образовна установа не излезе со било каков став. Родителите уште истиот ден по изјавата на министерката, реагираа до „Скопско ехо“ дека во буквално сите училишта нема таблети за секое дете. Им било кажано дека „толку им се дадени“ и оти нема ни да може повеќе да им бидат обезбедени.

Царовска ова многу добро го знае. Не само во врска со конкретниот случај, туку министерката е предупредувана преку јавните настапи на бројни наставници по медиумите и социјалните мрежи. Но нејзината реторика и летоска и сега кога стартуваше учебната година е иста: топката ја префрла на училиштата и општините. И повторно доаѓаме до заклучокот: каде се директорите на училиштата да кажат јавно дека не ни добиле пари за таблети наместо да ја оставаат министерката целиот товар да им го префрла ним?

-Ако училиштето е воспитно-образовна установа, зарем не е ова погрешно воспитување на децата? Нели ги учите на слобода на изразување, борба и демократија, па каде се вашите демократски практики да и се спротивставите на министерката?
-До каде ќе стигнеме со партиско-политичкото сервирање на директорските функции во училиштата? Како што одат работите веројатно раководствата апсолутно ќе ги остават учениците сами да се борат, оти теоретски и декларативно им се почитува, но во пракса ни од далеку правото на еднаков пристап до бесплатно образование!

Директорите на училиштата имаат одговорност пред сопствените функции, пред учениците, да покажат дека не им е најважна партиски доделената фотелја, туку децата, младите – кои треба да се нашата иднина.

Претходна вестПолициски претрес во куќа во Гевгелија, каде што се растурал и користел хероин
Следна вестНа 25 септември, во сабота е „Бела ноќ“