Предимензионирано во јавноста е дека е даван физиолошки раствор наместо терапија, но тоа треба да го утврди истрагата, изјави денеска д-р Виолета Клисарова, в.д. медицински директор на Клиника за онкологија на сведочењето пред Анкетната комисија во Собранието.
–Сакам да мислам и да верувам дека тоа е предимензионирано, но за тоа ќе оставиме на истрагата да си го каже своето, рече директорката.
Таа рече дека одговорно тврди дека во 2023 година веќе не се случува набавување лекови со надминување на условениот буџет, што беше сериозна забелешка, и не се земаат повеќе ниту лекови на реверс.
-Проблемите на нашата Клиника со ваквата група на лекови кои спаѓаат под условен буџет настанува кога во 2019 година, со првиот двегодишен тендер реализиран од Министерството за здравство, влегуваат во симболична количина која била недоволна ни за една година, а тендерот бил за две години. Тука е најтешкиот дел, кога вие имате исклучително мала количина на лекови и сте доведени во ситуација да правите одредени селекции на пациенти од вакви економски причини, рече д-р Клисарова.
Рече дека „извор на проблемите“ на нивната Клиника е кога е внесен условениот буџет кој се однесува на лекови кои не се на позитивната листа иако, рече, внесувањето на овие лекови за третман во нашата држава е за поздрав заради поквалитетната услуга на болните за тие да не бидат оставени само на стандардната хемотерапија.
-Проблемот е што откога постои условениот буџет, ние како Клиника сме биле буквално условени со одредена количина и префрлена е тежината на Клиниката, таа да успее некако да ги изменаџира тие условени количини и тие лекови само за пациенти колку што ќе ви биде одобрено. Тука настанува изворот на проблемот, зашто вие ќе имате поголем број на пациенти што треба да ги вклучите, а сте условени со одредена количина односно финансии. Затоа сметам дека решение на проблемот е позитивната листа на лекови и тука тежината треба да се префрли на државата, а да не се условува самата Клиника. Ќе се задолжи државата и ќе треба да има лек за секого, а нема да има потреба во тој случај ни од рационалност, ни од онколошки конзилиум дали одлучил исправно или некаде потфрлил и можеби донел не баш издржана одлука. Се надевам дека во тој дел ќе ни се помогне, истакна д-р Клисарова.
Во однос на КАТО-системот, одговори дека Клиниката не е во состојба сама да ги обезбеди средствата за негово повторно ставање во функција и дека добиле ветување од Министерството за здравство да им се помогне.
-Тоа е за поздрав, но само со целосно имплементирање на системот. Не е прифатливо повторно импровизирано пуштање на оној начин на кој работел одреден период, додаде д-р Клисарова.
Пратеникот Антонијо Милошоски рече дека „директор во сенка“ на Клиниката е д-р Снежана Смичкова која е дел од онколошкиот конзилиум и дека таа и обезбедува доминација на веледрогеријата „Пановски“ во набавката на лекови како невенчана партнерка на нејзиниот сопственик. Смета дека системот не можат да го сменат ни директорите на Онкологија зашто се немоќни тоа да го променат.
-Доколку не се воведе поголема конкуренција со квалитетни лекови и додека ние во клиниките имаме невенчани партнерки на сопственици на веледрогерии, ние ќе имаме прескапи лекови, преголем профит, директори и министри кои ќе бидат во искушение да земат или да не земат провизија и ќе имаме скандали на секои пет, шест или седум години ако бидат откриени, рече Милошоски.