Директорката на кумановската болница позитивна на вирусот: „По пет месеци имунитетот ми попушти“

Директорката на кумановската општа болница Снежана Захариева е позитивна на корона вирус. Таа оваа вест утрово ја сподели со јавноста преку социјалните мрежи.

– Позитивен резултат од тестот за САРС-КоВ-2. Без маска само дома, пет месеци работа – дома, но имунитетот попушти. Хроничниот стрес и премореноста си го направија своето. Чувајте се. Инаку, тестот го направив вчера напладне, благодарност до МАНУ за брзиот резултат, напиша Захариева.

Таа во еден период беше во самоизолацијата поради присуство на партискиот состанок, по што беше откриено дека директорката на УЈП, Сања Лукаревска, е позитивна. Но, тогаш резултатите на Захариева беа негативни.

Овој нов случај со корона вирус се надоврзува и на претходните во кумановската општа болница. Познато е, на почетокот на кризата, во оваа здравствена установа беа заболени повеќе здравствени работници, а голем дел беа во изолација. Одделенијата работеа со редуциран кадар заради што на помомош доаѓаа лекари од други градови. Состојбата по извесен период се стабилизираше.

Со ова и билансот на заболени здравствени работници ќе се зголеми. На 9 јуни беше објавено дека дотогаш се заболени 338 здравствени работници од кои пак се оздравени 249. Потоа на 16 јуни беше објавено дека само во ГОБ „8 Септември“ во Скопје се заразени 36 здравстени работници, а заболувања имаше и по други здравствени центри. 

Претходна вестВирусот не дрма, бројот на починати надмина 320, како ќе одговориме на тоа, ќе се бара ли помош?
Следна вестГраницата кон Србија и кон Косово и натаму останува отворена