Директорот на Управата за финансиска полиција Муареми доби кривична пријава за злоупотреба на службената положба, насилство и малтретирање

Кривична пријава од Основното јавно обвинителство Скопје доби актуелниот директор на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми. Порталот Нетпрес објави дека злоупотреба на службената положба и овластувања, насилство и малтретирање во вршење на службата се трите дела со кои се товари Муареми.

Претходно Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција по пријава од група граѓани изврши претрес во Управата за финансиска полиција. Тогаш обвинителката Вилма Русковска изјави дека ја проверуваат пријавата.

-Претресот е во тек. Се постапува по пријава на граѓанин. Наша обврска е да провериме. Чекаме да видиме дали има нешто основано во пријавата, рече тогаш  Русковска.

По претресот Управата за финансиска полиција поднесе претставка до јавниот обвинител затоа што наредбата не ги исполнувала формалните и материјалните-суштински основи за да биде издадена. Според Управата за финансиска полиција, со наведените дејства е нанесена голема штета на угледот на институцијата, на сите нејзини вработени и на угледот и интегритетот на нејзиниот директор, како и „намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем и рушење на темелите на една правна држава”.

Неофицијално, Муареми во јавноста се споменува како дел од случаи за кои се води постапка во Јавното обвинителство за организиран криминал за вршење притисок врз правни субјекти кои биле рекетирани и уценувани да исплатат „црни пари“, а за возврат институциите да не ги гонат за кривични и други дела сторени од нив.

Фото: Нетпрес

Претходна вестОблачно и нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Следна вестПротест на вработените од „Колска“, блокирана пругата Скопје-Гевгелија кај Велес