Поведени се дисциплински постапки против 9 лица вработени на Одделот за гинекологија и акушерство во битолската болница „Трифун Пановски“, а двајца доктори се суспендирани до завршувањето на дисциплинските постапки. Ова е наведено во извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат по вчерашниот надзор извршен во оваа здравствена установа. Инспекторатот изврши контрола откако добил сознанија дека на одделението по гинекологија и акушерство царски рез на родилка извршило лице кое не е вработено во болницата и е странски државјанин.
-До министерот за здравство ќе биде доставена информација за констатираната состојба и преземените мерки од ДСЗИ. Инспекторатот ќе издаде решение за забрана за вршење на здравстевена дејност во болницата односно забрана за давање на здравствени услуги на пациенти од страна на странски државјани без лиценца за работа обезбедена согласно Законот за здравствената заштита. ДСЗИ ќе достaви известување до надлежното Основно јавно обвинителство за случајот, со прилог докуметација обезбедена при надзорот за натамошно постапување, се наведува во извештајот.
Било констатирано и дека директорот на установата во врска со случајот, преземал законски предвидени мерки.