Длабоки корени: Пред 122 години се формира македонската театарската група “Скрб и утеха”

Формирањето на театар кој ќе изведува драмски дела на јазик на одреден народ е значаен и историски чин. Таков момент на македонскиот народ му се случил пред 122 година кога, на денешен ден, 13 мај 1901 година се формира првиот македонски театар – „Скрб и утеха“. А до тоа доаѓа по големата дејност која во тој период ја има Војдан Поп Георгиев – Чернодрински, истакнат македонски писател, патриот, револуционер, театарски режисер, артист. Тој станува основоположник на македонскиот театар по големиот успех што го постигнува неговата прва драма напишана на македонски јазик – „Македонска крвава свадба“ во 1896 година.

Драмата, која имаше премиера во 1900 година, забележала голем успех и се одржале неколку репризи во Софија, Бугарија, а подоцна и во Пловдив. Приказната за љубовта меѓу младата жетварка Цвета и овчарот Спасе, за нејзиното насилно грабнување од Осман – бегот, нејзиното одбивање да прими друга вера и трагичниот крај никого не остави рамнодушен.

Зад ова претстава стоеле младите Македонци коишто во тој период делувале во Софија. Чернодрински кога во тој период дошол во бугарската престолнина, каде веќе му работел таткото, за да го продолжи своето школување првин се зачленил во Младата македонска дружина. Воедно, Војдан бил и најактивен член на литературниот кружок во гимназијата наречен Македонски заговор за чиј основач и се смета. Токму директно влијание на Младата македонска дружина и Македонскиот заговор, членовите и активистите на овие два кружока се залагале за користење на македонскиот народен говор и тој јазик го користеле во своите книжевни дела. Набрзо, по успехот на драмата, Чернодрински најде и мотивација за формирање на македонски театар. По извршента реорганизација на екипата со која ги одржувал претставите, тие создале нова драмска екипа под името „Скрб и утеха“. Успехот на драмската македонска екипа растеле и се одржале нови гостувања во Бугарија бидејќи немало соодветни технички услови во Македонија. По сѐ поголемиот успех на драмската екипа, таа си го променила повторно името во „Столичен македонски театар“.

Со ова, практично, почнува да живее македонскиот театар, да делуваат македонски театарски групи што имаше голема важност во зреењето на националната свест кај Македонците. Придонесот на Војдан Чернодрински, роден во 1875 година во Селци, дебарско, во семејството на селскиот кмет и подоцнежен свештеник Георги Славковски е непроценлив. Токму таткото ја забележал љубовта на Војдан кон книгата и токму поради тоа му овозможил на својот син соодветно школување кое го имал во Охрид, Солун, Софија и во Србија. Таа определеност за литература подоцна ќе даде и бројни дела пишувани на македонски јазик а што Чернодрински секогаш го потенцирал. Со тоа тој стана првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи мајчиниот, македонски, јазик и во кои се обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Тој со своите текстови го бодрел и храбрел македонскиот народ. Тој со своите ставови за македонскиот идентитет и со своите залагања за организирање на востание за конечно ослободување на Македонија, здобил големи симпатии како од македонската, така и од странската јавност.

Во записите е сочувана и една случка кога тој во 1929 година отишол во посета на еден дом за сираци каде им подарил примероци од својата драма Македонска крвава свадба. По тој повод, Војдан изјавил:

-Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја.

Претходна вестСончево и потопло, попладне пороен дожд
Следна вестНепознат сторител почна со градба во дворот на поликлиника Бит Пазар