Добил отказ од туристичка агенција, па преку фејсбук се заканувал дека има бомби во автобусите

Ресенчанец добил отказ од работа, па се заканувал преку фејсбук. Имено, отсекот за компјутерски криминал при СВР Битола поднесе кривична пријава против З.И.(45) од с.Горно Крушје, Ресенско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело загрозување на сигурноста.

На 28.6.2020 пријавениот креирал лажен профил на „Фејсбук“ од кој на официјалниот фејсбук-профил на туристичка агенција од Битола, која е овластен превозник на вработени во фирма во Битола, испратил порака со заканувачка содржина дека на комбињата и автобусите има поставени бомби, кои ќе се активираат кога ќе пристигнат пред фабриката, заедно со вработените во агенцијата.

По неколку минути, истата порака ја поставил на фејсбук-профилот на агенцијата.

Слични пораки со заканувачка содржина, од лажно креирани профили, пријавениот повеќе пати им испраќал и на одговорни лица во фирмата каде што претходно работел, а во знак на револт за добиениот отказ.

Се работи на расчистување на случајот.