Добрите подготовки не доведоа до рекордните пет медали на олимпијада по природни науки

Ако на Олимпијадата по природни науки во 2017-та година нашите претставници на своето прво учество освоија еден бронзен медал, на втората пак лани – три бронзи, на неодамна завршениот светски најпрестижен натпревар се освоија најмногу – две сребра и три бронзи! Тоа е само нова потврда дека имаме вонсериски таленти во природните науки, физика, хемија и биологија, но и добри предавачи-ментори кои ги подготвуваат.

Таквиот голем успех на Македонија од катарската престолнина Доха го донесоа учениците Никола Спировски, деветтоодделенец во скопското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци и Мајкл Георгиевски, од прва година во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци кои освоија две сребра како и Емилија Николовска, ученичка во деветто одделение во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид, Стефан Дрмач, прва година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, и Матеј Гелев, ученик во осмо одделение во ООУ „Блаже Конески“ во Велес кои освоија бронзени медали. Во тимот кој го подготвуваа искусни ментори какви што се проф. д-р Боце Митревски од Институтот за физика, проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија и м-р Лозенка Иванова од Институтот за биологија беше уште и ученичката Теона Кировска од девето одделение од ОУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе. Напорните тримесечни подготовки на шестмината ученици кои се покажаа како најдобри на сите натпреварувачки филтри во државата очигледно вродија со плод. Така е најчесто кога талентот се комбинира со упорна работа и вежбање. Тогаш и се успева во конкуренција на 409 најдобри натпреварувачи од 70 држави во светот.

Натпреварите траеле три дена. Првиот ден се решавал тест со триесет прашања, со по десет прашања од физика, хемија и биологија и со заокружување на одговорите, вториот бил од теоретски дел и со задачи од секојдневието, а третиот од експериментален карактер.

-Беше навистина тешко, но ние бевме многу добро подготвени и не не изненадија прашањата. Мислам дека најдобро го сработив делот со правање експеримент од областа на хемијата. Имав за задача да одредам колку е загадена водата со магнезијум и калциум. Кога завршив излезе дека е многу загадена. Сигурна сум дека тоа добро го сработив и дека со тоа стасав до 64 бода, доволно за бронза, ни рече ученичката Емилија Николовска.

Добро исполнување на експерименталната задача било причина што и Стефан Дрмач, исто така освоил бронза.

-Најтежок за решавање беше теоретскиот дел во кој имаше многу задачи. И јас бев најсигурен кога работев на експеримент од областа на хемија. За задача имавме да пронајдеме дестилирана вода во морската и во загадената вода. На крајот добро сработен благодарение на добрите подготовки, ни рече Стефан кој освоил 54 бода.

Младите олимпијци деновиве се вратија во своите училишни клупи. Со оглед на тоа дека следната година ќе го надминат старосниот услов да не се постари од 15 години, на вакви олимпијади веќе нема да учествуваат. Но, следат нови предизвици а тие и натаму ќе се подготвувата за нив.

Првпат влегуваа во лабораторија
Еден од менторите, професорот Марина Стојановска од Институтот за хемија, ни рече дека подготовките се одвивале од почеток на септември па до крајот на ноември.

-Беа потребни подготовки на ПМФ оти материјалот предвиден за олимпијадата во голема мерка го надминува нивото на занење кое го стекнувата учениците во Македонија на оваа возраст. Посебен акцент ставивме на лабораториски вештини. Најголем дел од учениците тогаш за првпат влегоа во лабораторија бидејќи во училиштата ги немаат. После овој огромен успех искрено се надеваме дека сериозно ќе се размисли за подобрување на ваквата ситуација во училиштата, потенцира професоркат Стојановска.