Дoбро е што млади сакаат да волонтираат за доброто на другите

Владимир ВУКЕЛИЌ, од Црвениот крст на Македонија, го прашуваме за убавините на волонтирањето, за тоа колку ваквиот хуман порив е присутен кај скопјани и како да се унапредува оваа дејност.

о Како Црвен крст на РМ колкав бројна волонтери имате, колку време постои таква дејност во ваши рамки?

– Црвениот крст на РМ е основан во 1945 година и од тогаш дејствува како најмасовна волонтерска организација во државата. Изминатата година е заокружена со нешто повеќе од 7.000 волонтери на национално ниво. Постојат разни форми на организирање на волонтерската работа: клубови на млади, клубови на стари лица, клубови на крводарители, тимови за одговор при катастрофи, тимови за спасување на вода, тимови за спасување на планина, потоа постојат можности за волонтирање во центри за стари лица, пункт за бездомници, патролни социјални работници, за поддршка на население во вонредни состојби…

о Колку младите, и воопшто, граѓаните на Скопје сакаат да волонтираат? Во кои дејности најмногу се волонтира?

– Младите ја претставуваат движечката сила на Црвениот крст. Во Скопје постојат 6 клубови на млади во просториите на Црвен крст и дополнителни 28 клубови на црвениот крст во основни и средни училишта. Интересот е голем и во секој од нив има во просек по 30-50 лица кои на месечно ниво посветуваат најмалку 10 часа волонтерска работа за организирање и учество во хуманитарни активности. Инаку, најголемиот дел од работата на Црвениот крст е всушност спроведена преку волонтерите. Само во изминатата година 170 лица беа згрижени во време на екстремни температури, 50. 217 лица беа опфатени во здравствено превентивни програми, над 10. 000 семејства во социјален ризик добија поддршка во храна, средства за хигиена, облека, беа асистирани 15. 968 мигранти, собрани 55. 537 единици крв…

о До каде сме во развојот на волонтерството во споредба со некои други земји?

– Волонтерството во нашата земјаа имајќи во предвид како е нормирано и кои механизми во државата го следат и уредуваат, се наоѓа во една специфична состојба. Законот за волонтерство кој се донесе за првпат во 2007 година, има одредени предизвици во својата имплементација и не прави голема разлика помеѓу волонтери кои се вклучуваат во хуманитарни активности во слободното време или спонтано се вклучуваат одговор на итни состојби од една страна, и волонтери во институции или организации кои се таму за да стекнат лична надградба на професионални искуства, знаења или вештини. Самиот начин на пријавување на волонтерите и евиденцијата на волонтерските часови е повеќе наменета за еден вид практиканство. На 4 декември Црвениот крст на РМ одржа Конференција за волонтерство на која е искажана заложба за унапредување на нормативата за волонтирањето и подигање на свеста за него пред се за поддршка ранливото население. Иако оди полека, сепак може да се каже дека се забележува напредок на ова поле.

о На кој начин да се стимулира волонтерството во нашата земја, што би можело да се направи?

– Волонтерството не може и не треба да биде замена за работата на институциите. Волонтирањето може да биде еден вид „продолжена рака на институциите“. Побудено од алтруистички мотиви со цел да се гради подобро општество, да се намали нечие страдање или да се одговори во случај на вонредни ситуации, може да биде многу моќна алатка која освен што дава поддршка на целните групи во исто време гради култура на мир, соживот и толеранција. Искуствата во минатото особено во време на природните катастрофи кои се случуваа во земјата и во регионот се доказ за таа сплотеност на населението. Промовирањето на овие хуманивредности се основните пристапи преку кои треба и се поттикнува населението да посвети дел од слободното време во волонтерски активности.